вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Регион

Харадинај не кажува дали ќе го прифати барањето на САД за укинување на таксата кон Србија

Харадинај не кажува дали ќе го прифати барањето на САД за укинување на таксата кон Србија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска избегна да даде директен одговор дали неговата Влада, по притисоците од САД, Европската унија, но и од внатрешните фактори во Косово, ќе ја укине таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

По почестите кои ги оддаде на гробот на првиот претседател на Косово, Ибрахим Ругова, на 13-тата годишнина од неговата смрт. Харадинај рече дека е „добредојдена“ неговата утрешна средба со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет кај претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели.

– Со задоволство ја очекувам средбата. Таа е на предлог на собранискиот претседател Весели. Снегот еден ден ќе се стопи, одовори Харадинај на новинарското прашање дали по утрешната средба со Коснет, Приштина ќе ја укине таксата на увозот од Србија.

Харадинај до сега беше упорен во ставот дека владината одлука ќе остане во сила се додека Србија не го смени односот кон Косово и не ја признае неговата независност. Меѓутоа, последните денови се повеќе расте притисокот за укинување на таксата, како од надвор, така и од внатре.

Освен од САД и Европската унија, се позачестени се барањата и од самите членови на Владата и од коалициските партии, како и од претседателот на државата Хашим Тачи, кој очекува таксата веднаш да биде укината за да можат да продолжат и да се финализираат преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу двете земји.

МИА