понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 79
home Регион

Харадинај: Како иден претседател на државата ќе го внесам Косово во НАТО

Харадинај: Како иден претседател на државата ќе го внесам Косово во НАТО

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај, вели дека, доколку биде избран за претседател на Косово, ќе ја внесе државата во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одговарајќи на изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека „Косово треба да очекува изненадувања“ ако се обиде да се зачлени во меѓународни организации, Харадинај оцени дека Белград „се враќа на вообичаените закани“.

Србија, истакна тој, го користи тоа што Косово моментално е со вршител на должноста претседател на државата и со влада во оставка.

– Нашиот агресивен сосед… се чувствува силен сега кога Косово има разрешена Влада и слаб претседател на должност. Ние имаме потреба за претседател кој ќе застане цврсто за Косово и кој е достоен да се соочи со еден агресивен противник како Србија, напиша Харадинај на Фејсбук.

Откако, „наспроти волјата на Србија“, се формира војската на Косово во времето кога беше премиер, Харадинај вели дека, во идниот негов мандат како претседател на државата, Косово ќе стане членка на Северноатлантската алијанса.

– Тоа е клучот на безбедноста и мирот во регионот и најдобриот одговор на воинствените изјави на Вучиќ, порача Харадинај.

Вршител на должноста претседател на државата е собраниската спикерка Вјоса Османи, откако доскорешниот претседател Хашим Тачи поднесе оставка поради тоа што беше обвинет од Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг.

Освен тоа, и Владата предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, во која членува и ААК на Харадинај, е влада во оставка, бидејќи Уставниот суд ѝ го оспори легитимитетот затоа што еден од пратениците кој гласаше за неа немал право да ја врши пратеничката функција поради тоа што бил правосилно казнет за кривично дело.

Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 14 февруари, а новиот собраниски состав во наредните неколку месеци ќе треба да избере и нов шеф на државата.

ААК од порано ја има истакнато кандидатурата на својот партиски лидер за иден претседател на Косово, меѓутоа досега нема добиено поширока поддршка, ниту од коалиционите партнери во власта, ниту од други политички субјекти. (МИА)

Коронавирус