понеделник, 8. март 2021. Вести денес: 184
home Регион

Грција се уште останува затворена за Македонија- еве до кога ќе важи новата зебрана за влез во земјата

Грција се уште останува затворена за Македонија- еве до кога ќе важи новата зебрана за влез во земјата

Од денеска стапува во сила новата, продолжена одлука на грчката Влада за забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, како и ограничувањата на копнените граници и поврзувањата со Македонија и Албанија одлука што ќе биде во сила до 8 февруари во 6 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за одлуката за да се ограничи ширењето на коровирусот со „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“, која се продолжува од средината на март минатата година, а последното продолжување беше од 8 јануари заклучно со вчера.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас/Кулата и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони/Богородица кон Македонија, Какавија кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и Мисијата на Косово ЕУЛЕКС.

Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, објави МИА.

Исклучок, како и досега се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, а овој пат, на листата се вклучени и државјаните на Русија и Израел.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, задолжително е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), а задолжителен е и седумдневен домашен карантин.

Новата одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција и потпишана од надлежните министри за развој и инвестиции, за цивилна заштита, за труд и социјални прашања, за поморство, за внатрешни работи, за здравство, од министерот и заменик-министерот за транспорт и инфраструктура, како и од алтернативниот министер за финансии.

Коронавирус