вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 140
home Регион

Грчките факултети под опсада од студентите

Грчките факултети под опсада од студентите

По вчерашните состаноци, студентите од околу 25 факултети од цела Грција решија од денеска па се до 17 ноември просториите на факултетите да бидат под опсада и да не се одржуваат предавања, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката доаѓа по последните случувања во дворот на Економскиот факултет во Атина, но и во рамките на студентските активности против последните промени во законите за образование кои ги изгласа грчкиот Парламент. Според информациите во Грција, затворени ќе бидат околу 15 факултети во Атина и неколку во останатите грчки градови.

Студентите во изминатиот период одржаа и низа демонстрации против промените во постдипломските студии, против изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од Универзитетите, но и против укинатиот студентски имунитет, а за утре напладне, закажаа нов протест во центарот на Атина.

Инцидентот и судирот меѓу полицијата и група млади лица што во понеделникот се случи во дворот на Економскиот факултет во Атина, беше причина и за остри критики, обвинувања и конфронтација меѓу владата и опозицијата во Грција, но и реакција од студентите, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што вчера објави МИА, СИРИЗА ја обвини Владата за авторитаризам, која истакна дека само ги спроведува законите.

Последните случувања во Грција предизвикуваат загриженост, со оглед на тоа дека се на само неколку дена од годишнината од студентскиот бунт против хунтата, што секоја година на 17 ноември се одбележува со протест кон амбасадата на САД во Атина, а доста често завршува со инциденти.