петок, 14. мај 2021. Вести денес: 0
home Регион

ЕУ обезбеди 650 илјади вакцини на „Фајзер“ за здравствените работници од Западен Балкан

ЕУ обезбеди 650 илјади вакцини на „Фајзер“ за здравствените работници од Западен Балкан

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изутринава најави дека од мај до август на Западен Балкан ќе пристигнат 651.000 дози од вакцината „Фајзер“, наменети за здравствените работници и ранливите групи во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова е прва испорака на вакцини финансирана од Европската Унија.

Вакцините ќе почнат да пристигнуваат во мај, а бројот на дози е пресметан врз основа на потребите што ги соопштиле владите до Европската Комисија. Земја како Србија ќе добие помалку дози, потврди Вархеји, бидејќи таму веќе голем дел од граѓаните и од здравствените работници се вакцинирани.

Вархеји ја искористи приликата да и се заблагодари на српската Влада што му помогна на регионот со вакцинацијата, но не се согласи дека Европската Унија го запостави регионот во стратегијата на вакцинација.

На прашање на МИА зошто толку се чекаше да се испорачаат вакцини во регионот и дали беше исправна одлуката да се изземе Западен Балкан од механизмот за авторизација на извоз на вакцини, Вархеји одговори дека поинаку гледа на работите.

-Се плашам дека не гледаме исто на работите, моето читање е дека овозможивме испорака на вакцини произведени во Европа, нема никаква забрана за Западен Балкан, напротив тие се приоритетен партнер во споредба со другите, рече еврокомесарот за проширување.

Тој истакна дека вакцините на компанијата Фајзер/Бионтек се тие во кои ЕУ има најголема доверба. До сега оваа компанија најмногу ги почитувала своите обврски кон ЕУ во однос на испораката на договорените дози, а нема ниту сериозни нус појави како што е случај со „АстраЗенека“.

Овие вакцини се наменети за здравствените работници, работниците кои се најизложени на вирусот, и најранливите групи и владите во регионот треба тоа да го почитуваат. Нејасно е дали Европската Комисија има механизам да провери дека овие дози ќе се употребат за тие за кои што се наменети.

-Договорите со нашите партнери многу јасно гласат за кого се овие дози, направени се врз основа на нивните потреби и им верувам на нашите партнери на Западен Балкан дека ќе ги искористат за вакцинирање на здравствените работници за да може здравствениот систем да продолжи да работи, рече еврокомесарот.

Европската унија беше мета на критики во ЕУ и во регионот поради тоа што не го вклучи Западен Балкан на исто ниво со земјите членки на Унијата.

Еврокомесарот смета дека ова е одлучен чин и знак дека Западен Балкан е многу важен за ЕУ.

Вакцините ќе се достават преку Австрија која го координира системот на споделување на вакцини со западниот Балкан.

Коронавирус