среда, 5. август 2020. Вести денес: 181
home Регион

ЕК продолжува да помага за трансфер на деца бегалци од Грција

ЕК продолжува да помага за трансфер на деца бегалци од Грција

Европската комисија (ЕК) денеска и вчера координира релокација на 49 малолетни бегалци од Грција во Португалија и Финска, во наредните месеци уште стотина деца треба да биде пренесени во други ЕУ земји.

Во отсуство на сеопфатна реформа на системот на азил и миграција во ЕУ и на зголемен број бегалци на надворешните граници на Унијата, во Грција, ЕК се обидува да ги координира напорите за релокација на бегалците, но за сега земјите на ЕУ прифаќаат само деца и малолетници без родителска придружба.

Во следните месеци уште 18 деца ќе бидат пренесени во Белгија, 50 во Франција, 4 во Словенија, 2 во Литванија, додека Германија ќе прими 106 деца, овој пат со нивните родители и роднини.

Шемата за релокација на бегалци беше паузирана поради затворените граници откако започна пандемијата на коронавирусот.

Земјите членки се заложија да примат две илјади деца и малолетници без придружба, како и деца во тешка здравствена состојба со нивните најблиски роднини или родители.

-Неуморно работевме за да се осигуриме дека релоцирањето се одвива и покрај компликациите предизвикани од заразата на коронавирусот. Гледајќи дека овие 49 деца ќе започнат нов живот во Португалија и Финска покажува дека нашите напори вродуваат со плод, изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

Единаесет земји членки на ЕУ се заложија да учествуваат во шемата на релокација на деца бегалци на Европската Комисија – Белгија, Бугарија, Франција, Финска, Ирска, Португалија, Луксембург, Литванија, Словенија и Хрватска. ЕК ги покрива патните трошоци на децата, а земјите членки можат да аплицираат за дополнителни шест илјади евра од ЕК по дете бегалец.

Оваа адхок шема на ЕК е единственото решение за сега за помош на бегалците заглавени на надворешните граници на ЕУ, бидејќи 27-те земји членки не успеваат да се договорат за реформа на системот на азил веќе со години.

Германското претседателство кое вчера одржа состанок посветен на внатрешните работи и миграцијата порача дека е „реалистичен оптимист“ во однос на оваа реформа, но дека се забележуваат промени на ставови кај некои земји членки. (МИА)

Коронавирус