недела, 24. јануари 2021. Вести денес: 82
home Регион

Едногласна одлука на Советот и над 10.000 потписи против цинкара кај Кавадарци

Едногласна одлука на Советот и над 10.000 потписи против цинкара кај Кавадарци

На денешната вонредна седница, Советот на Кавадарци едногласно одлучи дека е против цинкара.

Советниците дадоа негативно мислење за намерата на кавадаречки инвеститор да инвестира во проширување на асортиманот и нови производи.

Петар Николов од СДСМ  го пренесе ставот на неговата партија. Рече дека секогаш се за здрава и чиста животна средина. Ниту една инвестиција, рече, не е повредна од здравјето на кавадарчани. Само здравјето е бесценето. Нема да гласаме, додаде, нешто што е спротивно на интересот на кавадарчани.

Тони Нешковски од ВМРО-ДПМНЕ го повтори нивниот став. Нема потреба од дебата, рече, кога е во прашање здравјето на кавадарчани. Нема да поддржиме било што, нагласи, што е штетно по здравјето на кавадарчани.

И кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев го делеше нивното мислење.

– Кавадарци има детален урбанистички план, а во моментов се изготвува нов и во него комплексот на заинтересираниот инвеститор влегува како лесна индустрија. Станува збор за брзорастечка компанија која во досегашниот период нема докрај почитувано генерален и детален план. Тоа ми дава право да бидам против ова барање, затоа што ако инвеститорот бил коректен при досегашното инвестирање, нема сега да бара пренамена од Г2 во Г1 или од незагадувачка во загадувачка индустрија. Во изминатиот период докрај не ги почитувал законите, па отпосле објектите биле усогласени согласно на законот за дивоградби, а согласно на обемот и капацитетот спаѓаат во Г1 индустрија. Ние не можеме да ја официјализираме таа нова зона покрај веќе постоечката од порано.   Јас нема да жалам што сум против цинкара. А во иднина го замолувам инвеститорот пред да почне било што, да ги отвори урбанистичките планови. Затоа што ако некоја компанија се шири без да ги почитува плановите и законите, се сомневам дека ќе ги почитува и законите кои го казнуваат загадувањето. Разумно, да не се работи на штета на било кој, а најмалку на штета на кавадарчани, дециден беше градоначалникот во изјава за МИА, кој информираше дека се работи за инвестиција од  50-70 милиони евра.

Потсети дека Кавадарци е една од позагадените општини и се осврна на тоа што се прави и што треба да следува за намалување на загадувањето. Се работи на гасификсцијата. Рече дека има околу 500 тешки товарни возила кои минуваат, па како трајно решение спомена заобиколница. Додаде дека има 14.300 возила, а 43 илјади жители. Тука се и греењето на дрва и печењето ракија кои исто така загадуваат.

До овој момент се собрани над 12 илјади потписи од екологистите против цинкара, а петицијата продолжува. Претседателот на еколошкото друштво “Еко-живот”, Роберто Паризов нагласи дека народот даде јасна порака која советниците ја земаа во предвид при гласањето.

Коронавирус