сабота, 28. март 2020. Вести денес: 96
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Регион

Два нови сомнителни случаи на заразени со коронавирус денеска во Косово

Два нови сомнителни случаи на заразени со коронавирус денеска во Косово

Во лабораториите на Националниот институт за јавно здравство на Косово денеска се предадени на анализа примероци од двајца пациенти за кои постојат сомневања дека се заразени со коронавирус, објави попладнево порталот „Газета експрес“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, резултатите од анализата се очекува да бидат објавени во текот на денешниот ден.

Во текот на вчерашниот ден, според приштинскиот портал, на инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово биле хоспитализирани четири лица за кои постоело сомневање дека се заразени со смртоносниот вирус Ковид-19. Разултатите за сите од нив, како и за неколкумината кои во претходните денови беа тестирани за вирусот, биле негативни, соопштија официјални извори од Институтот за јавно здравство на Косово.

Во рамки на Министерството за здравство на крајот на минатата недела е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот.

Планот, како што беше соопштено, ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени речиси сите јавни здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК) Полицијата на Косово и царинските служби. Меѓу другото, од вчера лекарски тимови се распоредени на приштинскиот меѓународен аеродром „Адем Јашари“ и на граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија. (МИА)