недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 56
Во живо

Изјава на Христијан Мицкоски по посетата на Свети Николе

home Регион

Денеска пресудата за Златна зора – најавени масовни протести

Денеска пресудата за Златна зора – најавени масовни протести

По пет и пол години од почетокот на судскиот процес, денеска судот во Атина ќе ја соопшти пресудата за Златна зора, односно ќе одговори дали всушност станува збор за криминална организација.

И додека во судот, сите погледи ќе бидат насочени кон судиите и обвинителите, пред судот се очекуваат масовни протести.

Рочиште е закажано за 11 часот по локално време, додека пак кусо пре тоа ќе почнат протести и собири од различни организации, здруженија, граѓански движења, но и политички партии, јави дописничката на МИА од Атина.

Пред судот ќе бидат затворени улиците и најавено е силно полициско обезбедување и строги мерки.

„Не се невини“ е слоганот што изминативе денови е сѐ поактуелен во Грција, осамна на објекти на повеќе локации низ земјата, го споделуваат Грците на социјалните мрежи, а е пораката што се однесува на 68-те обвинети, но и слоганот под кој ќе се одржи протестот.

Вчера, во грчкиот Парламент, токму овој слоган го истакнаа пратениците на СИРИЗА, додека пак лидерот на партијата Алексис Ципрас преку „Фејсбук“ порача дека „Не се невини“, додавајќи дека денеска „сите мораме да бидеме таму и да гласно да извикаме“.

-Сите ќе бидеме таму, порача синоќа и лидерката на Движење на промена Фофи Генимата.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на „Фејсбук“, меѓу другото истакна дека „Нова демократија е партија која цврсто е против расизмот, фашизмот, политичкото насилство и поделбата“.

Во грчкиот Парламент, на почетокот на вчерашната расправа посветена на сосема друга тема, беше одвоено време, а сите партии го осудија фашизмот во пресрет на денешната одлука.

Во судскиот процес што доста често, во Грција се карактеризира како историски и започна на 20 април 2015 година, беа одржани 453 судски рочишта, сослушани над 200 сведоци, а обвинети се 68 лица.

Се нарекуваа политичка партија и седум години беа во Парламентот и добиваа во просек околу 400.000 гласови од Грците, ги нарекуваа неонацисти поради идеологијата и постапките, нешто што самите тие го негираа, а сега, откако паднаа маските, судот, ќе треба да одговори дали зад формацијата политичка партија всушност се крие криминална организација.

Но, и да одговори дали членовите се виновни за формирање, водење и учество во криминална организација што стои зад низа напади, инциденти и убиство.

Очекувањата се дека сепак нема сѐ да заврши во еден ден. Веројатно е дека ќе бидат потребни повеќе рочишта, во зависност од тоа каква ќе биде одлуката, дали сите обвинети ќе бидат прогласени за виновни, дали дел од нив или можеби ќе бидат ослободени од главното обвинение – формирање и учество во криминална организација.

Обвинението се однесува на 65 од 68 обвинети, од кои 18 се за формирање и водење на криминална организација, лидерот на Златна зора и 17 пратеници избрани во 2012 година, кои доколку бидат осудени може да добијат од пет до 15 години затворска казна.

Останатите 47 се обвинети за учество, а се соочуваат со казна од пет до десет години затвор.

За убиството на Павлос Фисас во септември 2013 година, обвинет е Јоргос Рупакјас, но и 16 други лица, како негови соучесници.

Останатите два случаи се обиди за убиство врз египетски рибари (петмина обвинети) и врз членови на синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија (четворица обвинети).

Ставот на обвинителката Адамантиа Иконому, соопштен на 18 декември 2019 година, беше дека Златна зора не е криминална организација, дека сите дејствија што се припишуваат на организирано дејствување на учесници со посебни улоги, се всушност „индивидуални инциденти“ на членови на партијата од различни причини, дека „не се покажа дека за нападите биле планирани и препорача дека сите обвинети треба да бидат ослободени.

Во однос на убиството на музичарот Павлос Фисас, нејзината препорака е дека виновен е само убиецот, а не и целата партија.

Коронавирус