петок, 14. јануари 2022. Вести денес: 35
home Регион

Бугарскиот државен врв во карантин по седницата за Македонија

Бугарскиот државен врв во карантин по седницата за Македонија

По вчерашната седница на Консултативниот совет за национална безбедност на која бугарскиот државен врв излезе со став дека бугарската согласност за почеток на преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ не треба да биде врзана со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари, сите членови влегоа во самоизолација откако прв со симптоми на ковид се јави претседателот на Народното собрание Никола Минчев.

Минчев по маратонската шестчасовна седница почувствувал симптоми, а неговиот ПЦР се покажал позитивен на ковид.

Претседателот Румен Радев кој вчера во име на Консултативниот совет ја даде изјавата на нивните ставови кон македонските аспирации за влез во ЕУ, исто така е во самоизолација како и членовите на неговиот кабинет.

– Сите се во добра здравствена состојба. Преземени се мерки за нормално функционирање на претседателската институција, соопштија од неговиот кабинет.

Во карантин влегоа и премиерот Кирил Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова.

Петков, Минчев, министрите и сите претседатели на пратенички групи вчера учествуваа на седницата на Консултативниот совет кој го свика претседателот Румен Радев во врска со ставот на Бугарија за преговорите за членство на РСМ во ЕУ.

Главниот државен здравствен инспектор на Бугарија Ангел Кунчев денеска објави дека сите учесници во Консултативниот совет на претседателот Румен Радев вчера се во самоизолација и се тестираат на ковид по што се очекува наредба од регионалните здравствени инспекторати за воведување карантин.

Во самоизолација е и вицепремиерот Асен Василев, но тој и министерот за финансии продолжуваат да работи и покрај самоизолацијата.

-Негова главна задача овој месец е да подготви предлог-буџет за следната година, објаснуваат од кабинетот на Василев.

Самоизолација ќе избегне заменик претседателот на бугарскиот парламент Кристијан Вигенин затоа што ја прележал болеста пред помалку од 3 месеци.

-Сакам да ве информирам дека според наредбата на министерот за здравство од 22.10.2020 година и правилата на РЗЗ за нејзина примена, НЕ сум подложен на задолжителен карантин, бидејќи боледував од Ковид помалку од 3 месеци пред контакт со заразено лице. Мојот тест за ковид-19 е негативен. Во таа насока имам намера да продолжам да ги исполнувам обврските со секојдневно следење на мојата здравствена состојба“, напиша Вигенин на својот Фејсбук профил и додаде дека Костадин Костадинов, лидерот на Преродба чека здравствените власти да му издадат решение за карантин.

Самоизолацијата и евентуалниот позитивен ПЦР тест на премиерот Кирил Петков може да ја доведе во прашање најавената посета на Скопје и средбата со мандатарот Димитар Ковачевски на 18. јануари, кога тој треба уште еднаш да ги повтори бугарските уверувања дека во Република Северна Македонија постои децениска политика на дискриминација на македонските Бугари, која во последно време ескалира во отворени јавни напади врз граѓаните кои се изјасниле за своето бугарско потекло и тоа треба да се поправи со внесување на Бугарите во македонскиот устав за да може да се отвори патот на РСМ кон Европската унија.

Коронавирус