петок, 17. септември 2021. Вести денес: 0
home Регион

Бројот на новозаразени со Делта сојот во Грција секојдневно се зголемува, денеска потврдени нови 219 случаи

Бројот на новозаразени со Делта сојот во Грција секојдневно се зголемува, денеска  потврдени нови 219 случаи

На 1.087 се зголеми вкупниот број на потврдени Делта случаи во Грција, откако Националната организација за јавно здравје денеска соопшти 219 новозаразени со конкретниот сој, што претставува 5,42 отсто од мутациите во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на новите случаи, повторно се регистрирани над 2.500, односно 2.604 новозаразени, а починаа пет лица.

Професорката епидемиолог и член на надлежната комисија Вана Папаевангелу на денешната редовна прес конференција за ситуацијата со пандемијата во Грција рече дека во изминатата седмица во просек имало по 2.568 случаи дневно, а просечната возраст на новозаразените е 26 години.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти дека за невакцинираните вработени во угостителството и туризмот, задолжителни се два теста седмично, еден рапид и еден селф тест.

За ситуацијата на Миконос објасни дека нема нови кластери и со воведениот полициски час и забрана за музика во угостителските објекти делумно се спречило дополнителното ширење на коронавирусот.

Додаде дека во следните денови ќе биде соопштено дали мерките на островот што се во сила до понеделник наутро ќе бидат продолжени или прекинати.

Коронавирус