вторник, 14. јули 2020. Вести денес: 100
home Регион

Безбедноста и здравјето на туристите и туристичките работници главен приоритет на Грција во пресрет на летната сезона

Безбедноста и здравјето на туристите и туристичките работници главен приоритет на Грција во пресрет на летната сезона

Заштитата на јавното здравје, безбедноста на посетителите, но и безбедноста на вработените во туризмот остануваат наш прв приоритет, за кој не се преговара, рече премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на презентацијата на спотот од кампањата за промоција на грчкиот туризам, а на надлежниот министер за туризам Харис Теохарис му порача да го поставуваат „здравјето над се“, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер истакна дека ова лето ќе биде поразлично од претходното, потсети дека првите туристи ќе пристигнат на 15 јуни, а ќе се вршат само тестирања по случаен избор и изрази надеж дека од 1 јули, ќе може да бидат отворени „за пријателите од сите делови на светот што сакаат да ја посетат Грција“.

-Ќе дојдат во Грција што е иста, но и во исто време различна. Ќе биде различна бидејќи пред се, ќе мора строго да се почитуваат основните здравствени протоколи, утврдени од надлежните министерства, за да може, пред се, сите да функционираат безбедно. Заштитата на јавното здравство, безбедноста на посетителите и безбедноста на туристичките работници остануваат наш прв приоритет за кој не се преговара, истакна грчкиот премиер и додаде дека ова лето, повеќе ќе се цени смислата на слобода, поради карантинот.

Мицотакис рече дека туристичките работници, ќе треба без отстапки, да ги почитуваат правилата за лична заштита, а државата ќе биде строга во контролите.

Паралелно, истакна дека треба сите да бидат свесни дека оваа година бројот на посетители ќе биде значително помал во споредба со лани, кога Грција ја посетија 33 милиони туристи.

Министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, рече дека од 15 јуни, земјата се отвора селективно, поставувајќи го „здравјето над се“, но и со континуирано следење на епидемиолошката ситуација, подготвени за интервенција доколку тоа го посочат експертите.

Додаде дека постојат строги здравствени протоколи за да не се дозволи ширење на вирусот, а паралелно го зајакнуваат здравствениот систем на сите туристички дестинации „од Атина до последниот остров, за секој граѓанин и секој турист да ја има грижата што ја заслужува“.

Официјалниот спот за туристичката сезона „The Greek Summer -State Of Mind“ го изработи компанијата „Marketing Greece“, а целта е да ги потсети туристите дека летото во Грција е нешто повеќе од сонце и море.