среда, 21. април 2021. Вести денес: 1
home Регион

Белата куќа потврди: Трамп ќе ги прими Вучиќ и Хоти, ќе присуствува на потпишување на договорот

Белата куќа потврди: Трамп ќе ги прими Вучиќ и Хоти, ќе присуствува на потпишување на договорот

Претседателите на САД и Србија, Доналд Трамп и Александар Вучиќ, ќе се сретнат попладнево, во 17 часот по средноевропско време, објавено е на веб-страницата на американската амбасада во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Според агендата, американскиот претседател, Доналд Трамп ќе ги прими Вучиќ и Авдулах Хоти во 17 часот, зад затворени врати во Овалната соба, а потоа ќе присуствува на церемонијата на потпишување во Рузвелтовата соба, додека трилатералната средба ќе се одржи повторно во Овалната соба, со ограничен број новинари.

По средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти поединечно ќе се состанат со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот.

Во соопштението на Белата куќа, издадено доцна во четвртокот, по локално време, не се наведува што ќе биде потпишано, дали станува збор за договор или што тој ќе содржи, објави Гласот на Америка.

По првиот ден од преговорите во Вашингтон, Вучиќ изјави дека за време на состанокот му бил презентиран нацрт-договор, во кој се споменува меѓусебно признавање и дека тој го отфрлил, додека Хоти не одговори дали имало таков предлог, но истакна дека „штетните договори за Косово, неприфатливи за Косово, никогаш немаат дојдено и нема да дојдат од „Белата куќа“.

Специјалниот пратеник на претседателот на САД за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, изјави дека „изненадувањата во преговорите се секогаш добри затоа што тие вршат притисок врз двете страни да направат повеќе, да создадат повеќе“.

-Понекогаш се преправаат пред медиумите дека тоа е поголемо изненадување отколку што е, изјави Гренел.

Тој оцени дека е постигнат напредок за време на вчерашната рунда преговори за економска нормализација и дека се надева на решение.

-Ова се две земји, кои политичката борба им го ограничи економскиот напредок, кажа Гренел, додавајќи дека затоа американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да се фокусира на тоа како да создадат нови работни места.

-Ние се обидуваме да го покренеме политичкиот процес концентрирајќи се исклучиво на економски прашања и создавање работни места. Ако луѓето имаат повеќе работа и постои тенденција индустријата да напредува и кариерите да се развиваат, тогаш политичките борби стануваат поретки, оцени Гренел.

Оптимистички тон изрази пред и Роберт О’Брајан, советник за национална безбедност на претседателот Трамп

-Многу добра рунда разговори попладнево со лидерите на Србија и Косово. Постигнат е вистински напредок, порача О’Брајан, кој се заблагодари на американската финансиска корпорација за меѓународен развој, на корпорацијата „Милениумски предизвик“ и на Американската експорт-импорт банка кои се приклучија на разговорите.

Според О’Брајан, економската нормализација значи работни места за младите.

Приштинската телевизија Клан Косова објави дека во Вашингтон денес се очекува да биде потпишан економски договор меѓу Белград и Приштина, кој не вклучува меѓусебно признавање, додавајќи дека Трамп се очекува „да го претстави потпишувањето на договорот Белград-Приштина како успех на Белата куќа во присуство на двете страни“.

Американските медиуми јавиваат за состанокот на делегациите на Белград и Приштина во Вашингтон, со оценка дека службениците на администрацијата на Доналд Трамп работеле на убедување на лидерите на двете страни да ги остават настрана „тешките политички спорови“ со цел да се направи простор за развој на економските односи. (МИА)

Коронавирус