петок, 18. септември 2020. Вести денес: 166
home Регион

АНСА: Зголемен прилив на мигранти низ балканската мигрантска рута

АНСА: Зголемен прилив на мигранти низ балканската мигрантска рута

Последните информации за бројот на откриени мигранти и за инциденти во земјите од Балканот, укажуваат на зголемување на мигрантскиот прилив низ т.н. балканската рута и покрај кризата со КОВИД-19, оценува италијанската агенција АНСА.

– Земјите во регионот бележат значително зголемување на приливот на бегалци и мигранти од Блискиот Исток и Централна Азија. Овој феномен предизвикува дополнителен притисок врз јавниот здравствен систем во сите балкански држави, кои се соочуваат со зголемувањето на бројот на инфицирани од коронавирусот, додава агенцијата.

Во анализата се потенцира дека бројките на откриени мигранти се далеку помали во споредба со оние забележани во 2015 година, но оти сепак мигрантскиот прилив од Турција и Грција преку Балканот кон Западна Европа на престанува и покрај фактот што земјите долж т.н. балканската рута официјално ги „запечатија“ своите граници.

АНСА потсетува дека минатата недела земјава за уште 30 дена ја продолжи вонредната состојба во областите долж границите со Грција и Србија, како последица на зачестениот прилив на мигранти

– Во текот на ноќта меѓу 4 и 5 август група од околу 100 мигранти се обиделе да ја преминат границата меѓу Србија и Унгарија и да влезат на унгарска територија. Тоа доведе до инцидент во кој мигрантите фрлаа со камења кон унгарската полиција, која возврати на нападите. Десетици илегални мигранти секојдневно се апсат долж границата меѓу Хрватска и Словенија.

Оние, пак кои илегално успеале да ја минат границата меѓу Словенија и Италија, често се приведувани од италијанската полиција, која потоа ги предава на словенечките власти, се додава во текстот.

АНСА наведува дека има информации оти последните неколку недели илјадници мигранти пристигнале во реоните на Бихаќ и Велика Кладуша во крајниот северозападен дел на Босна и Херцеговина, близу границата со Хрватска, област која прерасна во „главен терминал“ за премин на територијата на ЕУ.

– Локалните медиуми известуваат за зголемени загриженост меѓу локалните жители, кои стравуваат и поради пандемијата со КОВИД-19 и поради безбедноста.Некои жители тврдат дека одделни мигранти се однесуваат агресивно, а често се известува и за тепачки меѓу ривалски мигрантски групи и мигранти од различни земји, кои честопати резултираат со повредени лица, а понекогаш и со убиства, се додава во текстот на италијанската агенција.

Коронавирус