понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 151
home Регион

Американскиот амбасадор во БиХ ја оцени ситуацијата во таа држава како неодржлива

Американскиот амбасадор во БиХ ја оцени ситуацијата во таа држава како неодржлива

Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Ерик Нелсон ги повика граѓаните на државата да извршат притисок врз владејачките елити да ги извршат потребните политички, економски и социјални промени во општеството. Како прва прилика за тоа тој повика да се искористат претстојните локални избори закажани за 15. Ноември

– Малку ќе се промени ако вие, обични граѓани, не го сторите својот дел – ако не одбиете да платите мито, ако не посочите загуби, корупција, изборни нерегуларности, ако не зборувате гласно и јасно и што е најважно, ако не гласате да ги повикате своите водачи одговорни, наведе амбасадорот Нелсон во авторски текст на неговиот блог.

Нелсон потсети на податоците од проценката на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) објавена на почетокот на октомври, во која се анализирани предусловите за формирање на самоодржливи држави. БиХ се справи доста лошо во таа проценка (Self Reliance Roadmap) затоа што критериумите применети од УСАИД велат дека земјата тешко заслужува преодна оценка кога станува збор за категории како што се либерална демократија и отворена влада, ефикасност на владата, економска политика, претприемништво.

Самоодржливоста е дефинирана во анализите на УСАИД како можност за планирање, финансирање и спроведување решенија за локалните развојни проблеми, како и заложба за нивно ефективно и одговорно спроведување, односно ситуација во која една земја може да ги реши своите проблеми и да управува со својот развој без меѓународна поддршка.

Нелсон им порача на своите граѓани дека тоа не може да се промени без нивни ангажман, што мора да ги принуди владејачките политички структури да го променат сегашното однесување. Потребата од промени е поголема, бидејќи сите достапни показатели покажуваат дека БиХ постојано заостанува во постигнувањето на поставените критериуми за самоодржливост од 2013 година, нагласи амбасадорот.

-Без поголема посветеност на владините претставници за промена на ситуацијата, статус кво состојбата или спиралата на опаѓање ќе продолжат, рече Нелсон.

Тој ги предупреди граѓаните на БиХ дека практиката на владејачките партии да ги користат јавните претпријатија како „политички банкомати“ за зајакнување на нивната моќ и контрола на гласачкото тело мора да заврши што е можно побрзо. (МИА)

Коронавирус