понеделник, 18. ноември 2019. Вести денес: 147
home Регион

Албанија со највисок јавен долг во регионот

Албанија со највисок јавен долг во регионот

Албанија и понатаму има највисок јавен долг во регионот и е меѓу првите во Европа во однос на бруто домашниот производ (БДП), јави дописничката на МИА од Тирана.

Според податоците на Евростат и на Европската комисија, на крајот од второто тримесечје од 2018 година јавниот долг во Албанија изнесувал 66,3 отсто од БДП, што ја подредува на 15. место од 34 земји во Европа и регионот на Балканот.

– Кога станува збор за земјите од регионот, Албанија има слично ниво на долг со Црна Гора, додека Србија, која некогаш имаше долг од над 70 отсто од БДП, на крајот од вториот квартал го намалила овој показател на 55,9 проценти, Македонија има долг од околу 44 отсто од БДП, Босна 36,3 проценти ,додека најниско ниво на долг има Косово, околу 16 проценти, пишува весникот „Монитор“.

Повикувајќи се на Министерството за финансии, весникот наведува дека на крајот од минатата година јавниот долг на Албанија се намалил на 69,9 отсто од БДП од 72,4 отсто колку што бил претходната година.

Но, Високиот државен ревизор тври дека нивото на јавниот долг нереално е прикажан и оти тој е повисок од процентот на Министерството, бидејќи во него не се опфатени заостанати долгови.

– Вредноста на заостанатите обврски, како констатиран трошок, не е прикажана во табелата за фискални показатели, што доколку би бил прикажан реално би довело до дефицит од над два отсто од БДП. Тој е пријавен како трошок за идните периоди. Доколку се земат предвид овие обврски, пријавената состојба на јавниот долг од 1.088 милијарди ќе биде 1.104 милијарди леки, што ќе даде показател за долг на ниво од над 71 отсто во однос на БДП, костатира државниот ревизор.

Според оваа институција, ако, пак, се земе предвид исплатата и на ДДВ во износ од 11 милијарди леки, тогаш јавниот долг на Албанија на крајот од минатата година изнесувал 72 отсто од БДП.