петок, 15. јануари 2021. Вести денес: 190
home Регион

Албанија набави 100.000 брзи тестови за Ковид-19

Албанија набави 100.000 брзи тестови за Ковид-19

Албанската Влада обезбеди 100.000 брзи тестови за коронавирус, информираше министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, додадвајќи дека набрзо ќе бидат обезбедени уште 300.000.

Тестирањето, додаде таа, ќе почне в понеделник во Тирана, каде е главното жариште на вирусот, а потоа и во другите делови на земјата.

Откако оцени дека земјата ја очекуваат тешки месеци, таа направи пресек на преземените активности.

– Не очекуваат тешки месеци, но затоа работата не запре во ниту еден момент за да се гарантира соодветна и навремена здравствена заштита за граѓаните и грижа за здравствениот персонал. Лекарите, епидемиолозите и медицинските сестри, добиваат посебен бонус, за што е наменет фонд од 8 милиони евра. Обезбедивме опрема за лична заштита, имаме 550 кревети во кавид болници. Нашиот здравствени систем на почеток имаше 200, а сега 483 респиратори, рече Манастирлиу.

Таа додаде дека се обезбедени потребните лекови според протоколите и оти се гарантираат бесплатни медикаменти за оние кои се лекуваат во домашни услови.

Меѓу другото, Манастирлиу се осврна и на вакцината против Ковид-19, додавајќи дека Владата е ангажирана во неколку насоки.

– Направивме неколку чекори, преку директен и финансиски ангажман со Ковакс. Извршивме предвремена уплата за да можеме да стигнеме до вакцината. Направивме проценка во неколку насоки со структурите на ЕУ за пристап до вакцината, но исто така и преку самите земји, објасни министерката.

Во изминатите денови се погласни беа барањата на експерти од јавното здравје за зголемување на бројот на тестирањата на дневно ниво. Тие сметаат дека тој број треба да биде од 5 до 6.000 тестови.

Коронавирус