петок, 4. декември 2020. Вести денес: 85
home Регион

„Аја Софија“ ги скара Грција и Турција

„Аја Софија“ ги скара Грција и Турција

Турција и Грција и во саботата разменија остри обвинувања поради претворањето на древниот соборен православен храм „Света Софија“ во Истанбул повторно во џамија, откако 86 години беше музеј и објект под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство.

Грција остро го критикуваше повторното враќање на „Аја Софија“ од музеј во џамија, импозантна градба изградена во V век а првпат претворена во џамија во XV век по османлиското заземање на Цариград тогашен Константинопол. Во петокот црковните камбани ширум Грција траорно ѕвонеа во времето кога турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го вршеше намазот во „Света Софија“.

„Грција уште еднаш го покажа своето непријателство кон исламот и Турција под егидата на реагирање на отворањето на џамијата Аја Софија за верниците“, порача во саботата во писмена изјава портпаролот на турското министерство за надворешни работи, Хами Аксој.

Министерството, се вели уште во изјавата, остро ги осудува изјавите на грчкиот министер и на пратениците, како и палењето на турското знаме во Солун.

„Аја Софија беше отворена за молитва како џамија во согласност со волјата на турскиот народ и ѝ припаѓа на Турција, како и сите други културни добра во земјата“, се наведува во изјавата.

Аксој одговори на тврдењата на грчкото МНР дека „Турција ги прекршува обврските од Конвенцијата на УНЕСКО од 1972 година“, велејќи дека „отворањето на џамијата Света Софија за служба е во согласност со барањата и духот на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светското културно наследство“.

Аксој вели дека ги осудуваат „непријателските изјави на членовите на грчката влада кои ја провоцираа јавноста“, како и „дозволувањето да се запали славното знаме на Турција“.

„Разгалените деца на Европа, кои не можеа да ја поднесат сликата на верниците кои повторно влегуваат во Света Софија, уште еднаш беа во делириум. Ваквите расистички начини на размислувања, не ги извлекоа потребните лекции од историјата, оние што не го почитуваат нашето славно знаме, треба да се сетат на нивната судбина во Егејот. Грција треба да се разбуди од византискиот сон од кој не може да се разбуди веќе 567 години и да се ослободи од фрустрацијата што произлегува од тоа“, наведува портпаролот на турската дипломатија.

Грчкото министерство за надворешни работи реагираше со соопштение во коешто се истакнува дека „меѓународната заедница во XXI век е запрепастена кога ги гледа религиските и националистички талкања на денешна Турција“, потсетувајќи дека „Аја Софија“ има извонредно важно значење за православните Грци.

„Меѓународната заедница во XXI век со зачуденост ги гледа испадите на религиозен и националистички фанатизам во денешна Турција. Осудени се и не се достојни за одговор“, соопшти грчкото министерство за надворешни работи.

Во препукувањата околу „Аја Софија“ се вклучи и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу во обраќањето на вчерашниот прием во претседателската палата по повод годишнината од воспоставувањето на демократијата во Грција.

„Претворањето на Света Софија во џамија брутално ги навредува не само православните и сите христијани, туку и цивилизираното човештво во целина и нанесува сериозен удар врз односите на Турција со Грција, Европската унија и меѓународната заедница“, рече Сакеларопулу.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во петокот ја нарече Турција „креатор на проблеми“, додека претворањето на „Аја Софија“ во џамија го нарече „навреда за цивилизацијата во XXI век“.

Грција и Турција имаат бројни нерешени прашања, како што се териториајлните спорови во Егејското Море, прашањето околу поделениот Кипар, чиј северен дел каде е прогласена независна турска држава ја признава само Анкара откако изврши инвазија врз островото во 1974 година.

Коронавирус