вторник, 22. мај 2018. Вести денес: 68
home Ракомет

ЖРК Вардар ја заврши својата приказна: Каде вардарки продолжуваат во иднина?

ЖРК Вардар ја заврши својата приказна: Каде вардарки продолжуваат во иднина?

Андреа Чанаџија не успеа да погоди зицер кој за ЖРК Вардар ќе донесеше пенали во финалето на Лигата на шампионите, тој зицер донесе пораз во второто финале по ред, пораз од истиот противник како и лани, на истиот начин, со инфаркт завршница.

Вардарки одиграа две финалиња во две годни, пет години беа учеснички на финалниот турнир во Будимпешта, но приказната тука завршува, тимот од следната сезона ќе биде сосема изменет, сите ракометарки и странски и македонски си заминуваат, Вардар догодина ќе игра само со млади македонски ракометарки, од европскиот бренд ќе остане само сеќавањето.

Крајот на оваа приказна на девојките јасно им падна тешко, сите ги паметат солзите на Јованка Радичевиќ, Андреа Пенезиќ, Андреа Лекиќ… Тие сега ќе мораат кариерата да ја продолжат на други места, далеку од вардаровата публика, која малку е да се каже дека ги обожаваше.

Распадот на европскиот Вардар најмногу го искористи романскиот ЧСМ Букурешт, таму од следната сезона ќе играат капитенот на тимот Јованка Радичевиќ, Драгана Цвијиќ, Андреа Лекиќ и Барбара Лазовиќ, кон Романија заминува и резервниот пикер Марија Петровиќ, таа заминува во Влчеа.

Најкорисната ракометарка од завршниот турнир во Будимпешта, Амандин Лејно заминува во Унгарија, во тимот кој тажно ја заврши приказната на Вардар, европскиот и унгарски шампион Ѓер, кон Унгарија заминуваат и Андреа Пенезиќ, Татјана Хмирова и Андреа Кликовац, првите две во Шиофок, додека Црногорката во Кишвардаи.

Во своите земји се враќаат Русинката Полина Кузнецова, која кариерата ќе ја продолжи во противникот на Вардар од полуфиналето во Келн, Ростов Дон, додека пак Александра Лакарбер догодина ќе ги брани боите на француски Флери.

И македонските талентирани ракометарки си заминуваат од Скопје, Сара Ристовска, која е во конкуренција за најдобра млада ракометарка во светот кариерата ја продолжува во словенски Крим, додека пак Теодора Керамичиева заминува во Франција, во тимот на Шамбри.

Три ракометарки од Вардар ја завршуваат својата кариера, поразот во финалето од Ѓер беше последен меч за голманката Ина Суслина, за трагичарката од финалето Андреа Чанаџија и за Македонката Мирјета Бајрамоска. Роберто Гарсија Парондо, кој беше дел од тренерскиот двоец кариерата ја продолжува во машкиот клуб на Варадар, каде ќе биде замена за Раул Гонзалес, кој заминува во ПСЖ од следната сезона.

Вардарки дојдоа може да се каже тивко во Скопје, со текот на годините станаа миленички на публиката, а заминуваат како хероини, можеби без трофеј, но сигурно се шампиони во очите на сите фанови.

Вардаровата европска приказна заврши, спомените ќе останат засекогаш, на девојките можеме да им посакаме среќа во понатамошниот тек од кариерата.