понеделник, 28. септември 2020. Вести денес: 25
home Ракомет

Веспрем моќен против Вардар за трета СЕХА титула

Веспрем моќен против Вардар за трета СЕХА титула

Веспрем по трет пат го освои шампионскиот пехар во регионалната ракометна СЕХА лига. Унгарскиот тим вечерва во финалето на завршниот „фајналфор“ турнир во Задар го победи бранителот на трофејот Вардар со 35:27.

За Веспрем ова е трет трофеј, Вардар остана на петте титули во досегашните девет изданија на СЕХА лигата.

Фаворитот Веспрем силно го отвори мечот и по само четири минути игра поведе со 3:0 и водството не го испушти до крајот на мечот. Во 21. минута предноста беше удвоена и на семафорот стоеше 13:7. До крајот на првото полувреме „црвено-црните“ успеаја да намалат и да се вратат на три негатива (12:15).

И второто полувреме покажа дека Веспрем е поквалитетен тим. Во 45. минута унгарскиот тим за прв пат поведе со седум разлика (25:18), а во 48-та имаа и највисоки девет плус (28:19) за мирна завршница и сигурна победа.

Најефикасен ракометар во победничката екипа беше Петар Ненадиќ со пет погодоци, додека Дејан Манасков со четири гола имаше свој придонес за победата.

Глеб Калараш со шест гола се истакна кај вардарци.

Пред финалето, се одигра дуелот за 3. место во кој Мешков Брест го победи ППД Загреб со 29:24. (МИА)

Коронавирус