недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 0
home Ракомет

Вардар против Барселона во дербито на ракометната ЛШ

Вардар против Барселона во дербито на ракометната ЛШ

Екипата на Вардар денеска од 17 часот игра со шпанска Барселона во дербито на 7 коло на групата „А“. СЦ „Јане Сандански“ е распродадена, а првпат сезонава беа пуштени во продажба и билети за стоење.

Победникот од овој дуел ќе се најде сам на врвот на табелата, а со реми и двете екипи би биле на првите две места.

– Екипата е подготвена. Одлично тренираме и подготвени сме за мечот. Ќе има многу тактика на мечот зашто доаѓа тим кој игра добро во двата правци. Сите се возбудени пред натпреварот со Барселона, која е одличен тим. За квалитетот на екипата на Барселона не треба многу да се зборува. Тоа е тим кој секогаш е на ниво на задачата и претендира кон пласман на Ф4 во Келн. Барселона сезонава игра подобро од лани и сигурно ќе не очекува тежок и неизвесен натпревар. Мораме да одиграме интензивно и да се бориме максимално и нијанси ќе го одлучат победникот, изјави тренерот Роберто Парондо на пресот пред мечот.

Вардар ја има најдобрата одбрана во моментов во Лигата на шампионите. „Црвено-црните” примија само 155 гола на шест средби. Имаат гол разлика од „плус 18“.  Барселона од друга страна го има најдобриот напад и најдобрата гола разлика, од „плус 41“.

На дуелите во Скопје само еднаш победил Вардар, и тоа лани со 27-24, додека еден натпревар заврши со реми, 29-29. Најважниот триумф за вардарци сепак е во 2017 година на Ф4 турнирот кога во полуфиналето на ЛШ остварија триумф со 26-25.

Од 2013 година, македонскиот тим одиграл седум средби со Барселона, и запишал две победи, едно реми, и четири порази.

Пред СЦ „Јане Сандански“ ќе има фан зона, со многу забава, музика и шанса за дружење. Таа ќе биде отворена од 15 часот па се до почетокот на натпреварот. Таму ќе бидат пречекани ракометарите и ќе им се даде поддршка пред влегувањето во салата каде сигурно ќе има неверојатна атмосфера.

МИА

Коронавирус