недела, 20. септември 2020. Вести денес: 93
home Ракомет

Вардар има срце шампионско, Борко ги однесе „црвено-црните“ во финалето

Вардар има срце шампионско, Борко ги однесе „црвено-црните“ во финалето

Вардар во новата сезона покажа зашто сè уште е актуелен европски и регионален шампион и зашто никогаш не треба да се отпишува.

Тоа што вардарци минатата година го направија за фајналфор турнирот во ЛШ кога во второто полувреме се вратија од негатива од осум гола против големата Барселона, вечерва направија идентичен подвиг.

Вардар во вториот дел губеше со шест гола разлика (17:23) на 11. минути во крајот, но ракометарите го завршија натпреварот со кренати раце откако во пенал рулетот го совладаа ППД Загреб со 27:26.

Хрватскиот тим речиси 50 минути го диктираше темпото и го контролираше резултатот со исклучок на трите минимални водства на Вардар во првото полувреме. Првите 30. минути завршија со предност на Хрватите од 13:16, а во идентичен стил го започнаа и вториот дел, дојдоа и до шест гола предност (17:23) во 49. минута, а играта не ветуваше позитивен исход.

Но, тогаш се покажа шампионскиот карактер, вардарци прво со серија од 5:0 ја вратија резултатската неизвесност. Потоа до самиот финиш се играше гол за гол (23:24,24:26,25:26), за во последните секунди Ловро Јотиќ да постигне гол и да го однесе натпреварот во пенал рулетот.

Таму на сцена стапи Борко Ристовски кој одбрани два шута, на Матановиќ и на Вистороп и го однесе Вардар во финалето каде го очекува пресметка со унгарскиот Веспрем.

Дисингер и Дибиров со по пет гола беа први стрелци во таборот на Вардар, Борко Ристовски имаше девет одбрани, додека во редовите на ППД Загреб, Мандиќ даде седум гола.

Коронавирус