понеделник, 8. март 2021. Вести денес: 203
home Ракомет

Словенците за класа подобри до нашите ракометари, Македонија претрпе убедлив пораз

Словенците за класа подобри до нашите ракометари, Македонија претрпе убедлив пораз
РФМ/Фејсбук

Македонија го претрпе и треиот пораз на СП 2021 откако нашите ракометари попладнево загубија од селекцијата на Словенија со убедливи 21-31. Словенците ја оправдаа фаворитската улога стигнувајќи до убедлив триумф, а Македонија издржа само 20 минути егал меч во Каиро. Потоа, падна концентрацијата во нападот, десет минути бевме без постигнат погодок, период што противникот го искористи за да стигне до удобна предност и да си го трасира патот до победата.

Натпреварот го почнавме со дисциплинирана игра во нападот, што овозможи во неколку ситуации да имаме предност од по два гола. Митревски бранеше одлично, Лазаров беспрекорно ги реализираше пеналите, а во вистински момент блесна и Талески, кој ги погоди трите шутеви кон противничкиот гол, со оној третиот носејќи израмнување на 9-9. За жал, Македонија по тој погодок не одигра буквално ништо во нападот до крајот на полувремето, иако две минути имаше и играч повеќе на теренот. Искусниот словенечки состав знаеше како да го казни тоа, на одмор заминувајќи со одлична предност од 9-13.

Вториот дел го почнавме со две нови грешки при додавањата на пивот, по што водството на противникот се зголеми на 9-15. Црната серија од десет минути без постигнат гол ја прекина Лазаров со гол од девет метри, македонскиот капитен во наредниот напад повторно беше прецизен и ја врати негативата на „минус четири“ (11-15). Сепак, новите грешки во нашиот напад и одличниот Зарабец на спротивната страна придонесоа Словенија да поведе со 11-18. Лесјак продолжи со одличните одбрани на голот на противникот бранејќи му цепелин на Кузмановски, а по голот на Доленец за 12-20 селекторот Брестовац го повлече Кире Лазаров и на негово место го уфрли Мартин Серафимов.

Промена имаше и на голот, Томовски го замени Митревски, a младиот чувар на мрежата набрзина му одбрани три зицери на Благотиншек, по што негативата беше намалена на 15-21. Прашањето на победникот веќе беше решено, па Словенците рутински го приведоа мечот до крај и конечните 21-31. Играта бепе сосема коректна, но стручниот штаб има причина за загриженост поради повредите на Велковски и на Кузмановски, кои предвреме го завршија овој натпревар.

Капитенот Кире Лазаров беше најефикасен со пет погодоци, а по трипати прецизни беа Танкоски, Талески и Кузмановски. Лесјак беше фантастичен на голот на Словенија со 17 успешни интервенции, додека најефикасни кај противникот беа Гајиќ со седум и Доленец и Мачковшек со по пет погодоци.

Македонија во следното коло в петок ќе се сретне со Русија, повторно во 15.30 часот.

Коронавирус