вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 92
home Ракомет

Шоуто може да почне – Македонија 11. пат по ред е дел од ракометниот „крем“

Шоуто може да почне – Македонија 11. пат по ред е дел од ракометниот „крем“

Се е подготвено за стартот на европскиот шампионат во ракомет, што денеска почнува во Унгарија и Словачка. За нас најважно, Македонија го одржа континуитетот од настапот на големите натпреварувања, стигнувајќи со 11. учество во низа на европските и светските шампионати. Квалификациите беа умешно минати, „шлаг на тортата“ беше големата победа над Данска, со што беше обезбедена виза за ЕП 2022,, каде ждребот ја смести Македонија во групата А во Дебрецин, заедно со Данска, Словенија и со селекцијата на Црна Гора.

Овој шампионат ќе биде посебен по многу работи, но Македонија ќе биде во центарот на вниманието поради Кире Лазаров – еден и единствен што паралелно ќе ги врши функциите на тренер и на играч. Долгогодишниот капитен по фијаското на СП во Египет се нафати за нова улога, па покрај сениорите се грижи и за младинските селекции, се со цел да биде поставен систем на работа и игра, нешто од што бенефит ќе се види и на подолг рок.

Лазаров е познат како велемајстор на теренот кого дополнително го мотивира колку е позначаен натпреварот, а сега потешкиот дел од задачата ќе му биде таа жед за победи и голови да ја пренесе врз оние помладите.

Денеска на „менито“ е Словенија, а нашите ракометари и селекторот едногласно фаворитската улога му ја препуштаат на противникот. Јасно е дека според квалитетот на ростерот и реномето на играчите Словенците се подобри на хартија, но Македонија низ годините покажала дека може да земе „скалпови“ на „поголеми селекции“ и од денешниот ривал.

Нема сомнеж дека ракометарите ќе дадат се од себе за сензација, но дури и доколку тоа не се случи, „црвено-жолтите“ заслужуваат поддршка, не само до крајот на шампионатот, туку и во периодот што следи. Бидејќи процесот на подмладување ќе стане уште потежок кога Лазаров и Миркуловски ќе се повлечат од терен и целосно ќе се преселат на клупата.

Познати сме како земја со два милиони селектори и редовни критичари, но на ракометарите и стручниот штаб сега им е неопходна апсолутна поддршка, затоа што смената на генерации, ќе остави трага врз квалитетот на играта, но никако не смее и врз победничкиот дух што е граден во националниот тим, кој 11 години наназад редовно е дел од „ракометниот крем“. Што воопшто не е мала работаа.

извор: ekipa.mk

Коронавирус