сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 92
home Ракомет

Шанса за Вардар да се пласира на Ф4 уште по 60 минути четврт-финале

Шанса за Вардар да се пласира на Ф4 уште по 60 минути четврт-финале

За промена од тешките предизвици во Лигата на шампионите, Вардар има нешто полесен предизвик пред себе овој викенд, иако влогот е висок и сериозен. Актуелниот првак во СЕХА-лигата игра за пласман на Ф4-турнирот, против Нексе, кој покажал во минатото дека може да биде незгоден противник.

Во нормални околности овој двомеч нема да има прашалник пред неговиот исход, но Вардар влегува во него со изретчен ростер, со болни и повредени ракометари и во не баш најсјајна атмосфера, така што Нексе сигурно ја гледа својата шанса да изненади. Ако направи такво нешто, тоа мора да биде во Нашице, на денешниот прв меч од четвртфиналето, во 17 часот. Покажаа дека се тврда екипа и против Еуроарм Пелистер во претходното коло, без да доминираат но со цврст ракомет и со две тесни победи.

Вардар ќе има поинаква улога отколку македонскиот вицепрвак, бездруго ќе влезе како фаворит и ќе мора да го оправда тоа со оние ресурси кои ги има. Борко Ристовски и Марко Мишевски тренираа неполна недела во „Јане Сандански“ и ќе бидат добредојдено засилување, особено во одбраната.

Во нападот, Жозе Толедо и понатаму е далеку од својот максимум, па Иван Чупиќ ќе биде десен бек, Горбок ќе мора да стисне заби иако е повреден, а Скубе да биде најдобрата верзија од себеси. Дека ќе биде тешко кажува и основната сезона во СЕХА-лигата, кога и Вардар и Нексе победија по еднаш. Не е никакво мерило победата на хрватскиот тим во Нашице, бидејќи тоа беше против младиот тим на вардарци, но дури и триумфот во Скопје, на првиот состав на црвено-црните беше тесен, со 27-25.

Со оглед дека пред Вардар претстои и осминафиналето од Лигата на шампионите против Пик Сегед, на 22 и 29 март, би било од голема помош ако не мора да стравува и пред реваншот со Нексе, на 15 март во Скопје. За тоа ќе мора да ја искористи можноста и да ја реши оваа двочинка уште денеска, во Нашице.

Коронавирус