среда, 19. јуни 2019. Вести денес: 121
home Ракомет

Познати 7 учесници: Вардар и Барселона ќе играат за Европа на Супер Глоуб во Дамам

Познати 7 учесници: Вардар и Барселона ќе играат за Европа на Супер Глоуб во Дамам

Седум од осумте учесници на Супер Глоуб турнирот, кој годинава се одржува во Дамам во Саудиска Арабија се веќе познати, а останува само да се види кој ќе биде тимот домаќин што ќе добие шанса за да игра на ова натпреварување.

Вардар како освојувач на Лигата на шампионите ќе се обиде да дојде до успех и подобар резултат од 2017 година кога заврши на 3. позиција, а од Европа тука ќе биде и Барселона која како минатогодишен освојувач доби можност да ја брани круната на Супер Глоуб.

Другите тимови се шампионите на своите континенти. Замалек од Египет ја претставува Африка, Ал-Духаи од Катар е тимот кој ќе игра за Азија, додека Универзитетот Сиднеј од Австралија е претставник и на овој континент.

И Северна Америка има свој тим во Њујорк Сити од САД, додека Јужна Америка ќе има свој претставник во Таубате од Бразил. Останува само да се види кој ќе биде тимот од Саудиска Арабија кој ќе игра како домаќин на овој турнир.

Инаку, натпреварите почнуваат на 26 август, а финишираат на 1 септември кога треба да биде добиен новиот шампион. Очекувањата се во финалето да се соочат Вардар и Барселона кои играа во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Извор: 24rakomet.mk