четврток, 22. април 2021. Вести денес: 120
home Ракомет

Поради новите Ковид правила во Германија ракометарите на Вардар се заглавени во Порто

Поради новите Ковид правила во Германија ракометарите на Вардар се заглавени во Порто

– Поради проблеми со летот на релација Порто – Франкфурт, поврзани со анти-Ковид-19 правилата на германските власти, ракометарите на Вардар 1961 останаа во Португалија и ги пропуштија врзаните конекции до Белград и Скопје за враќање дома по вчерашниот дуел во Лигата на шампиони.

Вардаровата експедиција, како што е соопштено, наместо вечерва, би требало утре да тргне од Порто и преку друга конекција да стигне до Скопје.

– Нашите ракометари денеска не успеале да заминат со авионот од Порто, откако службениците од авиокомпанијата со која требало да летаат ги информирале нашите претставници дека поради новите Ковид правила што се воведени во Германија доколку заминат за Франкфурт ќе мора да бидат во карантин, дури и во случај на транзит. Екипата ги имаше сите потребни документи за патување, а пред заминувањето од Португалија биле направени и тестови на Ковид-19 со цел да има не постари од 48 часа. Но, и покрај сите потребни документи од авиокомпанијата и нивните службеници на шалтерот за пријавување не добиле дозвола да се качат на авион и да заминат за Франкфурт, соопшти македонскиот ракометен првак.

За проблемите во Порто со авионските врски информирани се и во ЕХФ, и заедно се бара начин екипата што побрзо да се врати во Скопје и да се подготвува за следните дуели со ПСЖ и со Флензбург.

Вардар 1961 вчера загуби во Порто од португалскиот првак со 27:24 во рамки на Лигата на шампиони, а веќе идниот вторник „црвено – црните“ ги очекува мечот против Пари Сен-Жермен во Париз.(МИА)

Коронавирус