сабота, 1. октомври 2022. Вести денес: 41
home Ракомет

Миркуловски проговори за својата здравствена состојба по двата исцрпувачки меча

Миркуловски проговори за својата здравствена состојба по двата исцрпувачки меча

Филип Миркуловски во неколку наврати заврши со грч на лицето поради хроничната повреда која ја влече, а која ја обнови на мечот со Словенија, но како и секогаш, беспоштедниот борец стисна заби и повторно беше важен дел од триумфот на Македонија во дуелот со Црна Гора.

Со истиот, нашата репрезентација обезбеди пласман во главната фаза и обезбеди виза за Вараждин, а што е најважно, сосема релаксирано ќе го пречека последниот дуел во групата, односно директната борба за првото место со Германија.

Словенците ни докажаа дека Германците не се непобедливи, а покрај тоа што ја искоментира својата здравствена состојба, популарниот „Жути“ ни откри и каков ќе биде пристапот на ракометари и дали ќе има одредено штедење против фаворитот за да се биде максимално подготвен за втората фаза.

– Ќе видиме како ќе оди, ќе продолжиме со терапиите, а лекарите досега добро си ја вршат работата, – оптимистички изјави Миркуловски во врска со неговата повреда на зглобот, а потоа како играч кој најдобро ги познава Германците даде свое видување за последниот дуел на Македонија во оваа почетна фаза на Европското првенство.

– Секако дека одиме на „три од три“, нема потреба од штедење. Играме натпревар за прво место. Факт е дека сме заморени, Германците се посвежи поради тоа што имаат поголема ротација, но сепак видовме дека и тие се ранливи. Не се непобедливи, ќе анализираме добро и ќе излеземе на мегдан со нив. Ние секогаш играме подобро кога не сме фаворити, – заврши еден од најискусните играчи во нашиот тим.

Коронавирус