сабота, 15. август 2020. Вести денес: 41
home Ракомет

Македонија со пораз се одјави од ЕП

Македонија со пораз се одјави од ЕП

Македонската ракометна репрезентација со пораз го заврши настапот на Европското првенство во Хрватска, откако вечерва во Вараждин загуби од олимпискиот првак Данска со 31:20, иако на полувреме резултатот беше нерешен 12:12.

Во натпревар без голем значение за двете селекции првиот дел мина со постојано водство на олимпискиот шампион Данска од еден до два гола предност. Кон средината на полувремето Данска во два наврати имаше +2, за потоа селекторот на Македонија Раул Гонзалез да земе тајм аут и Македонија да успее да изедначи.

Резултатот во првото полувреме беше изедначен дури 9 пати, со тоа што Македонија имаше можност по контрата на Ојлески да поведе 11:10 и во последниот напад кога Ландин го одбрани ударот на Кузмановски.

Нашата репрезентација на овој натпревар настапи без капитенот Кирил Лазаров, него во составот го замени Гоце Ојлески, а капитенската лента ја преземе најискусниот Филип Миркуловски.

Вториот дел почна со доминација на Данска, која предноста од играч повеќе ја искористи и поведе за првпат со три разлика 16:13 – 36.минута. На половина од вториот дел Данска имаше водство од шест голови разлика (21:15).  Олимпискиот шампион до оваа предност стигна со две серии од 4-0. Во продолжението противникот ја казнуваше секоја наша грешка.

Најефикасен кај Македонија беше Филип Кузмановски со 6 голови, додека во составот на Данска најмногу голови постигна Дамгард 11.

Со овој пораз Македонија го освои последното шесто место во групата 2 со три бодови, додека Данска е прва со 8 бодови и обезбедено прво место и полуфинале.

Вечерва во терминот од 20:30 часот ќе играат Шпанија и Германија, а победникот од тој дуел ќе биде втор полуфиналист со тоа што на Шпанија и одговара и нерешен резултат.

Коронавирус