Вардар ќе ја брани титулата во ракометната Лига на шампионите, откако во тежок меч, последен европски во ваков состав, изгуби 27:28 во уште една завршница за „срцев напад“, и по првата минимална гостинска победа од 29:28 да се пласира меѓу четирите најдобри европски тимови.
Тимот на Раул Гонзалес беше најдобар кога беше најтешко и најпотребно, „кршејќи“ го мечот во второто полувреме по 13:13 по првите 30 минути, и сега уште еднаш треба да потврди дека е најдобар клуб во Европа пред следната сезона да почне една нова ера за момците во „црвено-црно“.
Почетокот не беше најдобар за Вардар, откако дури шест минути не успеаја да постигнат гол против неверојатниот Никлас Ландин, за гостите да поведат со 0:3, за по ова македонскиот клуб охрабрен од преполната СЦ „Јане Сандански“ да направи пресврт за водство од 10:7. Сепак, Кил преку Зарабец и Вујин во финишот на полувремето не дозволија предност за домаќините и второто полувреме започна со 13:13.
Второто полувреме ја крена нервозата кај навивачите и кај гледачите на ТВ екраните, откако Вардар не успеваше да се одлепи од германскиот состав, кој покажа дека е во четврт-финалето сосема заслужено. Во финишот тие успеаја дури да дојдат до водство од 27:28, резултат кој сепак значеше пласман за Вардар на Ф-4
Вуко Борозан беше најрасположен за „гаѓање“ кај вардарци со постигнати шест гола, додека четири имаше Мораеш.
На Ф4 турнирот во Германија, Вардар веќе го чекаат два француски тима – Пари Сен-Жермен по вчерашната елиминација на Киелце, како и Нант на Кирил Лазаров, кои одиграа 27:27 на гостувањето кај данскиот Скјерн, но имаа високи шест предност од првиот натпревар.
И третиот противник може да биде француски, бидејќи Монпелје подоцна ги пречекува Флензбург откако првиот меч заврши со 28:28.