сабота, 30. јули 2022. Вести денес: 0
home Ракомет

Лазаров: Ракометот и спортот се мојот живот

Лазаров: Ракометот и спортот се мојот живот

Во интервју за хрватскиот веб портал Germanijak нашата голема ракометна легенда Кирил Лазаров говореше на повеќе теми.

„Ракометот и спортот се мојот живот. Воопшто не ги чувствувам годините, можеби затоа што премногу го сакам и сум посветен на ракометот. Го работам тоа што го сакам, така ми се „полни” мозокот, а кога е така, тогаш немам никакви проблеми. Бев голем професионалец во последните 15 години, а телото памети сè, затоа се грижев и му дадов многу на своето тело, а тоа ми врати со иста мера”, вели Лазаров.

Пред еден месец Кире наполни 42 години одлучи да ја заврши кариерата, иако уште на негова адреса пристигнуваат понуди да продолжи да игра.

„Секако дека можев да играм уште повеќе, но мислам дека ова е доволно. Она што најмногу ме радува е тоа што завршив на високо ниво, односно во француската лига, која е многу тешка, играјќи во еден од најдобрите француски клубови, кој играше два „фајнал-фор” турнири во последните три години. Тоа ме прави особено среќен”, смета Лазаров.

Во мислите на ракометните љубители уште е спектакуларното испраќање на Лазаров од ракометната игра од страна на неговиот последен клуб – Нант. И самиот Лазаров е одушевен од клубот.

„Не можете да ја измамите публиката, особено навивачите кои добро го познаваат ракометот. Мило ми е што имам многу фанови и во мојата земја и низ Европа. Му дадов многу на Нант, но клубот ми врати можеби и повеќе отколку што ми требаше. Чувството е прекрасно… Збогувањето во таков амбиент и она што ми го подготви Нант, ќе го паметам цел живот. Пред една година требаше да ставам крај на кариерата, но се премислив поради короната. Не сакав да се збогувам пред празни трибини. Моите обожаватели ми беа ветер во грбо цела моја кариера и сакав да се збогувам со нив заедно”, заклучи еден од најдобрите десни бекови во историјата.

Нашата легенда потоа зборуваше за последните дванаесет месеци, во кои ја извршуваше улогата на играч и селектор на националниот тим. Скоро комплетно целите беа исполнети и смената на генерации е неосетно направена.

„Бев тренер-играч. Двојна улога која беше многу тешка и напорна. Го направивме она што го зацртавме затоа што моравме на овој начин, знаејќи дека менувањето генерации е тежок процес. Со овој концепт се пласиравме на ЕП 2022 и СП 2023 година и со тоа ја задржавме Македонија на големите натпреварувања. Сега почнуваме од нула со тотално нова генерација. Имаме планови, но знаеме дека конкуренцијата е голема, треба да бидеме трпеливи, да работиме и да веруваме. Тргнувам по нов пат и во нова кариера. Ќе бидам 100% посветен. Веќе направивме и сменивме многу. Очекувам убави нешта во иднина”, заврши Кирил Лазаров.

 

Коронавирус