Гвинеја е следниот противник за нашиот национален тим на СП во ракомет што важи за аутсајдер во групата.
„Уште пред почетокот на првенството, откако ги дознавме противниците, почнавме со подготовки. Очекувано, поголем фокус имавме на Унгарија и на Холандија, искрено жалиме што не забележавме барем една победа на стартот. Многу ќе ни значеше победа на тој дуел со Унгарија, но не се сомневам дека оваа репрезентација на Македонија има многу добар квалитет и тоа ќе го покаже во иднина. Пред нас е дуелот со Гвинеја, меч на кој сакаме да победиме и да одиме во вториот круг. Одиме чекор по чекор, фокусирани сме прво на Гвинеја, а потоа и на следната рунда каде што ќе се бориме со Австрија, Катар и Франција. Верувам во нашата репрезентација, дека со играта што ја прикажуваме и со поддршката од нашите фантастички навивачи ќе стигнеме уште до некоја победа во главната фаза“, истакнува Кузмановски.
Лидерот на националниот тим изрази благодарност до навивачите за поддршката што ја даваат на националниот тим на овој светски шампионат.
„Голема благодарност до нашата публика, луѓето кои дојдоа во толку голем број, се чувствуваме исто како да се игра во Скопје. Мислам дека нашите учества на овие натпреварувања се празник за сите во Македонија, ја чувствуваме таа поддршка што ни создава позитивна атмосфера, навистина е прекрасно да се игра пред толкав број македонски навивачи и кога заедно ќе ја пееме химната, тоа е една посебна енергија. Унгарија и Холандија се поквалитетни селекции со нас, но на сите им покажавме дека бодрени од нашите верни навивачи можеме да се носиме со секој противник“, порача Филип Кузмановски.