среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Ракомет

Криштопанс: Вардар должи огромни пари, проблемот бавно се решава!

Криштопанс: Вардар должи огромни пари, проблемот бавно се решава!

Ракометарите на Вардар полека влегуваат во ритам по повеќе од едномесечната пауза поради Европското првенство (ЕП) 2020 и тоа во пресрет на тешкото гостување кај Кил за неколку дена, но и покрај сето тоа главна тема за разговор меѓу црвено-црните ракометари се долгувањата кои управата ги има кон нив.

Еден од тие што проговорија за финансиските проблеми во црвено-црниот табор е и сигурно најдобриот во тимот во моментов, Даинис Криштопанс, кој за летонските медиуми изјави дека долговите се големи, а дека проблемот се решава, но бавно.

„Финансиските проблеми кои почнаа минатата сезона, продолжија и во оваа. Долгот е огромен. Вардар должи речиси на сите ракометари, некому повеќе, некому помалку. Проблемите се решаваат, но бавно. Сѐ во клубот се движи многу бавно“, изјави Криштопанс.

Високиот ракометар минатиот месец дебитира на европската репрезентативна сцена и тоа со 21 гол постигнат на трите средби во дресот на Летонија, која не ја мина првата фаза на ЕП. Минатата сезона, пак, реализира 94 погодоци во Лигата на шампионите и беше втор стрелец во походот на Вардар кон европската титула.

„На хартија ние бевме аутсајдери на Ф4-турнирот во Келн. Но, не секогаш тоа што е напишано на хартија е точно. Изгинавме на теренот и заслужено победивме. Триумфот во ЛШ е награда за сиот труд вложен досега во мојата кариера. Згора на тоа, никогаш нема да го заборавам враќањето во Скопје, кога бевме пречекани како национални херои“, дополни десниот бек на црвено-црните.

Криштопанс ја игра последната сезона во дресот на Вардар, со оглед што веќе потпиша тригодишен договор со францускиот гигант ПСЖ.