среда, 14. април 2021. Вести денес: 151
home Ракомет

Кирил Лазаров: Подготвен сум и среќен за овој предизвик

Кирил Лазаров: Подготвен сум и среќен за овој предизвик

Нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров денеска за првпат во улога на селектор ги собра нашите ракометни репрезентативци пред двомечот со Данска во продолжението од квалификациите за пласман на ЕП 2022 година.

„За мене како селектор на Македонија ова е деби. Двократниот светски првак и олимписки првак, селекцијата на Данска ни доаѓа. Некомплетни сме, но очекувам во понеделник да се комплетира репрезентацијата. Во контакт сум со играчите, некои се уште имаат обврски со клубовите. Во понеделник 90% се комплетираме, само Жарко Пешевски доаѓа вечер и во вторник треба да бидеме сите тука. Имаме доста време да се подготвиме, затоа што и мечот е преместен за во четврток. Овие два дена ќе ги искорстиме со домашните играчи и со нив ќе имаме повеќе време да работиме“, вели Лазаров.

На прашањето каква тактика подготвува и како ја гледа македонската ракометна репрезентација на теренот, тој додаде:

„Посакувам модерна Македонија. Македонската публика не можеш да ја излажеш, ова е ракометна нација. Ги знаеме недостатоците на нашата репрезентација од минатото. Во време сме кога имаме некоја промена на генерации, но мора да работиме постепено. Во меѓувреме мора да мислиме и на резултати и да продолжиме со континуитет на големите натпреварувања. Времето е тука, го имаме. Со моите соработници и јас како селектор ќе се посветиме максимално. Имам верба. Имаме конкретен план и за Данска и за сега и за иднината. Мора да одиме чекор по чекор. По каков било пораз или победа не смее да ни ги поремети плановите. Имаме квалитети и во играчите и во стручниот штаб. Македонија не треба да стравува. Ќе направиме добар ракомет“.

Лазаров на стартот на селекторското искуство ќе мора да биде и играч. Дали тоа ќе му прави проблеми?

„Јас би бил најсреќен да не морам да играм. Но реков. Имаме краткорочни и долгорочни цели. За да ги исполниме долгорочните, мора да ги реализираме краткорочните. Јас секој момент кога ќе проценам или процениме да не бидам на терен, јас ќе бидам најсреќен да не бидам таму. Затоа и земавме повеќе соработници за да работиме заедно. Подготвен сум на ова. Скоро секогаш во овие десетина последни години сум бил десна рака на тренерите, сум давал совети. Но, ова е голем предизвик, а јас верувам дека она што го имаме зацртано ќе го исполниме“- изјави Лазаров.

foto:sportmedia.mk

Коронавирус