петок, 29. јули 2022. Вести денес: 91
home Ракомет

Како СДСМ го пушти низ вода РК Вардар: Заев му ветил на клубот 2,5 милиони евра, кои никогаш не ги дал!

Како СДСМ го пушти низ вода РК Вардар: Заев му ветил на клубот 2,5 милиони евра, кои никогаш не ги дал!

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 доби суспензија од ЕХФ за настап во Лигата на шампионите поради стари долгови кон ракометари. Сепак, на ова реакција испрати поранешниот извршен директор Давор Стојаноски кој тврди дека вистината е сосема поинаква.

Соопштението потпишано од Давор Стојаноски ви го пренесува интегрално во продолжение:

„Почитувани спортски пријатели, навивачи и поддржувачи на РК Вардар,

По освојувањето на двојната круна во Македонија на голема жалост ја добивме некоректната одлука на извршниот одбор на Европската ракометна федерација за исклучување на двојниот шампион АД РК Вардар 1961 од Лигата на шампионите и сакаме да ве известиме дека повеќе од јасно ни е како е донесена оваа одлука, а не се однесува на наводниот долг од минатите сезони. Врз основа на соопштението објавено од страна на РК Вардар 1961, би сакале на јавноста да ѝ ја прецизираме целата вистина.

АД РК Вардар пред и по освојувањето на втората европска титула јавно кажа дека повеќе не е во можност финансиски и понатаму да го одржува клубот со буџетот како во изминатите пет години. После освојувањето на втората европска титула во 2019 година добивме повик од премиерот на Република Македонија каде ни беше ветена финансиска помош од 2.5 милиони евра од државата и побарано да се вложат дополнителни 2.5 милиони евра од сопственикот на клубот за да може да се задржи истата екипа и Вардар да продолжи со истото ниво како досега, но за жал тоа никогаш не се реализира. Единствена награда која клубот ја доби за европската титула во 2019 година беа 500.000 евра добиени од градоначалникот на Град Скопје, кои не беа доволни ни за исплата на бонусите (наградите) на играчите за освојување на титулата.

При преземањето на клубот од страна на Михајло Михајловски во правна постапка согласно законите АД РК Вардар 1961 стана правен следбеник каде го наследи спортскиот континуитет, но не и обврските на АД РК Вардар. Во истиот момент од страна на ЕХФ беше доставено барање со кое условија за да се задржи спортскиот континуитет на двете титули кон новиот АД РК Вардар 1961 и да бидат преземени сите обврски кои произлегуваат од минатите сезони.

Вистина е дека во тој момент АД РК Вардар имаше одредени долгови кон играчите, но новиот следбеник АД РК Вардар 1961 побара и доби од Сергеј Самсоненко покрај гаранциите со секој играч и обезбедување во висина од 2.5 милиони евра кое е поголемо од тогашниот долг потпишано и заверено нотарски каде гарантира со целиот свој личен имот се со цел да не произлезат понатамошни штети на новиот следбеник.

Во меѓувреме за жал се соочивме со светска криза и пандемија во која и покрај сѐ, Сергеј Самсоненко успеа да сервисира дел од долгот, но не целосно.

Јуни 2021 година – АД РК Вардар 1961 добива услов од ЕХФ да достави депозит од еден милион евра како сигурност за неисплатените долгови кон играчите доколку сака да се натпреварува во следната сезона. По добивањето на овој услов Михајло Михајловски се обрати до управата на поранешниот Вардар која вложи максимални напори и депозитот кој беше побаран од еден милион евра се реализира лично од сопственикот на РК Вардар, Сергеј Самсоненко, односно во рок од триесет дена од добивањето на условот на ЕХФ, Сергеј Самсоненко исплати 700.000 евра кон играчите и даде 300.000 евра позајмица на АД РК Вардар 1961 кои беа депонирани кон ЕХФ.

Во целиот овој период на исплата од страна на Сергеј Самсоненко, Михајло Михајловски и управата на поранешниот Вардар беа во постојана комуникација со играчите и преговорите со нив, каде секогаш добивавме подршка од нив и никогаш не наидовме на незадоволство за временските рокови кои беа заеднички усогласувани.

За останатиот долг кој требаше да се реализира до 15.05.2022 година Сергеј Самсоненко повлече кредит од банка во висина од 500.000 евра предвидени за подмирување на обврските кон играчите. Причината за нивното задоцнување до 27.05.2022 беа дополнителните административни процедури со банката.

По извршената уплата од 500.000 евра, согласно условот од минатата година, депозитот од 300.000 евра требаше веднаш да биде ослободен за комплетна исплата кон играчите за кои ЕХФ доби прецизен список со имиња, но за жал тоа до денес не се случи и сѐ уште овој износ е на сметката на ЕХФ, како и одреден износ кој сѐ уште не е исплатен за минатите сезони.

И повеќе од сѐ на кое сакаме да воочиме е дека ниту еден играч кон РК Вардар нема поднесено тужбено барање пред ниеден суд во Република Македонија како и пред арбитражниот суд на Европската федерација, за да може да биде донесена ваква апсудрна одлука за негово исклучување.

Веќе две години се слуша како постои незадоволство од ростерот на играчи на АД РК Вардар 1961 и кога конечно клубот и покрај се вложи напори каде донесе засилувања се со цел да се подобрува во натпреварувачката сезона го добива линчот од ЕХФ.

Поради сето тоа нашите видувања се дека исклучувањето на АД РК Вардар 1961 е тендециозно направено за да може екипи како Алборг, кои не го освоија домашното првенство а ги добија во состав играчите како Микел Хансен и други за следната сезона, да можат да бидат дел од Лигата на шампионите.

Вардар секогаш ќе биде најголемиот спортски бренд во Македонија, ја заслужува поддршката во моментов и по било каква одлука донесена понатаму двете титули се испишани и ќе се пишуваат уште многу во европскиот ракомет.

Спортски поздрав,
Давор Стојаноски“

Коронавирус