четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 102
home Ракомет

Франција покажа моќ, ја среди Шпанија и направи исчекор кон првото место во групата!

Франција покажа моќ, ја среди Шпанија и направи исчекор кон првото место во групата!

Ракометарите на Франција полесно од очекуваното го добија дерби дуелот од четвртото коло против Шпанија со 36-31 (18-12). „Триколорите“ покажаа моќ, во целост го надиграа европскиот првак и сосема заслужено константно водеа, па победија на крајот.

Уште во воведните минути, Франција покажа дека е дојдена да победи и поведе со 4-1. Иако „фуријата“ се врати до егал (6-6), следеше серија од 4-0 на ривалот. До полувремето момците на Гијом Жил одиграа одлично, водеа со повеќе од три и четири погодоци, а на пауза заминаа со огромни шест (18-12).

По паузата, Шпанија покажа дека е „жива“. Се врати во игра и дојде до -3 но тоа беше сè од оваа селекција. Следеше нов период кој ѝ припадна на Франција, која се одлепи сериозно и поведе со највисоките осум разлика. На крајот, Шпанија успеа да го ублажи поразот, но загуби со истата разлика од полувремето.

Најефикасен ракометар на натпреварот беше Ремили кој со девет погодоци ги предводеше „триколорите“, а сериозно му помогна и Уго Деска со седум. Кај Шпанија, Алекс Душебаев и Абело Гомез дадоа по пет.

Овие две селекции одамна се во четвртфиналето, па играа за престиж. Франција е прва со максимални осум бодови, а во последното коло ќе игра со Норвешка. Од друга страна, Шпанија има шест и во последната рунда ќе се пресмета со аутсајдерот Аргентина.

Претходно, во истата група А, Бразил ја победи Аргентина (25-23) и остана да сонува за четвртфинале. Сепак, за тоа им е потреба услуга од Норвешка, која треба да ја победи Германија, па во последното коло да се игра одлучувачки дуел. Утрово се одигра и дуелот меѓу Бахреин и Јапонија, кој Бахреинците го добија со 32-30.

Коронавирус