Ракометната репрезентација на Македонија сепак ќе учествува на Светското првенство кое од утре ќе се одржува во Египет.
Светската ракометна федерација ја постави Македонија за прва резерва, а откако денеска Чешка и официјално го откажа настапот поради премногуте позитивни случаи на коронавирус, избраниците на селекторот Данило Брестовац, сепак ќе настапат на Мундијалот во Египет.
Ракометарите беа во исчекување на оваа одлука и бидејќи го имаа статусот на прва резерва, тие се тестираа на коронавирус и резултатите беа негативни.
Македонија првиот натпревар на ракометниот Мундијал ќе го игра веќе в четврток (19 часот) против Шведска, а во групата се наоѓаат и уште селекциите на домаќинот Египет и Чиле со кого изминатата недела одигравме два контролни натпревари во Скопје.