Ракомет

Е.Пелистер поразен од Веспрем

Ракометарите на Е. Пелистер го доживеаја и шестиот пораз во деветтиот натпревар од Лигата на шампионите, овој пат со 33-26 (20-11) на гостувањето против унгарски Веспрем.

Уште по првото полувреме беше јасно дека Веспрем без никакви проблеми ќе дојде до победата.

Домаќините почнаа фуриозно и брзо стигнаа до водство од 5-0. Македонскиот шампион својот прв гол го постигна дури во шестата минута од мечот, преку српскиот интернационалец Богдан Радивојевиќ (5-1). Во следниот период унгарскиот гигант ја држеше предноста од пет гола, па по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 8-3.

Веспрем продолжи да го полни голот на нашиот шампион, а во 24. минута со голот на рускиот интернационалец Косоротов, Унгарците за првпат стигнаа до двоцифрена предност 17-7. Домаќините во еден момент имаа и највисоки плус 11, а пелистерци до крајот на првиот дел сепак успеаја да ја намалат негативата на 20-11.

Во второто полувреме сосема идентична приказна. Домашните рутински ја одржуваа предноста а македонскиот шампион единствено во финишот успеа да ја намали разликата за конечни 33-26.

Кузмановски со шест гола и Радивојевиќ со пет постигнати погодоци беа најефикасни кај Пелистер, а Косоротов и Фабрегас со по седум гола предводеа кај Веспрем.

To top