петок, 10. април 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Ракомет

Чупиќ: Не сме се откажале од Вардар, имавме состанок со Самсоненко!

Чупиќ: Не сме се откажале од Вардар, имавме состанок со Самсоненко!

Вардар повторно е во фокусот на Европа, овој пат поради новата криза која ги стресе „црвено-црните“. Финансиите се главна тема низ медиумите, некои си одат, а некои остануваат, а од оние вторите е хрватското крило Иван Чупиќ.

Европскиот првак доминантно го победи Мотор Запорожје иако непосредно пред мечот остана без двајца важни играчи во ростерот, Даинис Кристопанс и Павел Атман, кои ги раскинаа договорите и заминаа во Фуксе Берлин, односно Спартак Москва.

-Знаевме дека мораме да победиме со Мотор затоа што со некој друг резултат си го ризикувавме пласманот во вториот круг. А, ќе беше навистина глупаво да упропастевме се. Се собравме, добро го отворивме мечот и потоа беше полесно. Дека ќе победиме така убедливо и ние самите не верувавме, вели Чупиќ во интервју за „Јутарњи“.

Вардарци се свесни дека ситуацијата не е сјајна, но Чупиќ е дециден – никој од актуелниот тим не планира да се предаде. Воедно, тој откри дека се имало состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко, на кој било соопштено дека до крајот на месецот ќе се знае повеќе.

-Навивачите и ние не сме се откажале од Вардар, мислам дека тоа никогаш нема да се случи, а се останато е висока политика во која јас лично не се разбирам. Не се знае ништо. Имавме состанок со Сергеј Самсоненко и Михајло Михајловски, разговаравме. Ни кажаа дека ќе се знае повеќе до крајот на месецот. Што конкретно, не знаеме. Но, како и да е, до крајот на сезоната сум тука, а мислам исто размислуваат и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо, додаде Хрватот.

Чупиќ коментира и како се живее во Скопје без редовна плата.

-Не е идеално, но тоа не е никаква новост. Семејството ми е во ред, тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој во училиште, некој игра ракомет… Се навикнавме на тоа. Добро е, открива тој.

„Црвено-црните“ сега ги чекаат битки за подобра позиција во групата на ЛШ, како и борба за Ф4-турнир во СЕХА-лигата.

-Имаме уште два меча во ЛШ, па доаѓа осминафинале. Ќе видиме со кого ќе играме, можеби тоа ќе биде Алборг. Имаме и четвртфинале во СЕХА со Нексе, па, се надевам ќе играме на Ф4 и таму. Така што не ни недостасува работа. Колку сме, толку сме, се „крпиме“. Ни кажаа дека можеби ќе дојдат уште двајца ракометари, но искрено не знам како ќе биде тоа изводливо во оваа ситуација. Одиме од ден во ден, ќе видиме каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, ќе биде штета се да згасне, заврши Чупиќ.

 

Извор: ГОЛ

Коронавирус