понеделник, 18. март 2019. Вести денес: 108
home Ракомет

Червар: Бевме поуспешни од Македонија во играта со седум играчи

Червар: Бевме поуспешни од Македонија во играта со седум играчи

Селекторот на хрватската ракометна репрезентација, Лино Червар по вечерашната победа над Македонија со 31-22 во мечод 3-тото коло на Светското првенство, одигран во „Олимпик хале“ во Минхен, изјави дека ова е важна победа за нив, бидејќи пренесуваат два бода во втората фаза од натпреварувањето.

Домагој Дувњак ги предводеше „коцкастите“ со шест гола и осум асистенции, додека Марин Шего ја „спушти ролетната“ со 12 одбрани и беше најзаслужен за водството од 5 гола разлика на Хрватска на крајот од првото полувреме.

-Одбраната одлично функционираше, а во нападот бевме интелигентни и го контролиравме натпреварот. Бевме поуспешни во играта со седум играчи од нив, а Македонците седмиот играч на теренот не го искористија колку што сакаа. Ги анализиравме многу добро и освоивме важен натпревар, бидејќи овие два бода се префрлаат во вториот круг, рече Червар по мечот.

Тој додаде дека и покрај вечерашната победа, треба да се размислува за освојување на бодови и во идните два натпревари, посебно против Шпанија.

-Мораме да бидеме скромни, добро да се подготвиме, и заедно со овие навивачи да се обидеме да изненадиме против Шпанците, додаде Червар.