среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 125
home Ракомет

Брестовац: Со помош на навивачите ќе се избориме за победа

Брестовац: Со помош на навивачите ќе се избориме за победа
Екипата на Металург по двата пораза во првите две кола на СЕХА лигата против Вардар и Мешков Брест, во третото коло на регионалното натпреварување го пречекува Нексе во Скопје.
На редовниот прес пред натпреварот, тренерот Данило Брестовац изјави дека тимот од Автокоманда со помош на навивачите ќе се обиде да дојде до своите први три бода во сезоната.
– Во претходните две кола, одигравме два меча со Вардар и Мешков Брест, кои објективно се посилни екипи од нас и со поголем буџет. Доцна се вративме од патувањето во Белорусија и имаме уште малку време за подготовки. Ќе имаме три тренинзи и видео сеанси. Утре, од првиот тренинг, почнуваме со подготовки. Се надевам дека ќе најдеме сили и дека со помош на нашите навивачи ќе се избориме за победа на домашен терен, прва во тековната сезона, изјави Брестовац.
Младиот Милан Лазаревски, пак, изјави дека Нексе не е тим за потценување, но сепак се надева на позитивен резултат од дуелот.
– Ова ни е прв натпревар на домашен терен и прв на кој можеме да се надеваме на позитивен резултат. Очекувам силна поддршка од навивачите. Нексе не е екипа за потценување. Тие немаат огромен буџет, но многу економично ги трошат парите на засилувања, купувајќи играчи кои не се со звучни имиња, но се квалитетни. Нексе во првото коло го совлада ППД Загреб, но ние сепак можеме да се надеваме на позитивен резултат од овој натпревар од 3. коло, рече Лазаревски.
Средбата со Нексе ќе се одигра во сабота, со почеток во 20.15 часот.