недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 0
home Ракомет

Бабиќ: Спремни сме на малку поинаква игра

Бабиќ: Спремни сме на малку поинаква игра

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер го пречекува Ним во рамки на 1.коло во Европската лига на ЕХФ. Битолчани се подготвени за предизвикот на меѓународната сцена, а тренерот Жељко Бабиќ очекува тврд натпревар против еден квалитетен ривал, кој игра типичен француски ракомет.

„Со сигурност францускиот ракомет оди во нагорна линија, имаат многу квалитетни играчи на сите нивоа. Нè чека тежок меч, во кој мораме да бидеме многу прецизни, тактички добри. Ним е класична француска екипа, цврста и многу брза. Во одбрана комбинираат со 6-0 и 5-1. Доста користат брз центар и имаат брза транзиција, преку десно крило и бек кои доминираат. Во нападот не комбинираат премногу, играат добро еден на еден, што е карактеристика на Французите, а тие ја применуваат и во клубот. Се очекува натпревар со многу контакти, трчање и класично „тепање“ на теренот. Мора да бидеме спремни на малку поинаква игра, не каква што сме навикнати досега во Европа“, го анализира ривалот хрватскиот стратег.

„Натпреварите во домашната лига дадоа придонес, иако Европа е нешто поинаку и тешко е да се споредува квалитетот. Добро ни дојде натпреварот во Охрид, бидејќи беше многу емоционален и на физички и на тактички план, а другите средби генерално се обидовме да играме со седми играч, нешто за што се надевам ќе го користиме и на следните натпревари“, изјави Бабиќ.

Хрватот е среќен што утре во салата „Боро Чурлевски“ ќе се врати публиката од која очекува сериозна подршка против Ним.

„Навистина ќе ни значат фановите на трибините. Се сеќавам на натпреварот против Нексе, имаше полни трибини, беше навистина убаво. Сите сме желни за емоциите, фановите и луѓето во салите, сепак спортот се игра за нив. Се радувам и се надевам дека сите заедно ќе се радуваме по добар наш натпревар“, рече тренерот. .

Коронавирус