петок, 24. септември 2021. Вести денес: 122
home Останати спортови

Ватерполо: Србите ги „удавија“ светските шампиони

Ватерполо: Србите ги „удавија“ светските шампиони

Србија со извонредна игра ја совлада Италија со 10-6 и обезбеди пласман во полуфиналето од ватерполо-турнирот на Олимписките Игри во Токио. Пресудно се покажа првото полувреме што српските ватерполисти го одиграа на највисоко можно ниво, одржувајќи им лекција по ватерполо на актуелните светски прваци, кои во првите две четвртини постигнаа само три гола.

Српското ватерполо-шоу беше најавено со беспрекорната прва четвртина што нашиот северен сосед ја доби со 5-2, за потоа благодарение на извонредниот голман Митровиќ предноста уште повеќе да се зголеми. Максимално функционираа ударите од далечина на српските ватерполисти, кои ја завршија втората четвртина со преубедливи 9-3.

Италијанската одбрана профункционира во третата четвртина во која Србите не постигнаа ниту еден гол, но се беше попусто бидејќи „аѕурите“ на спротивната страна само еднаш беа прецизни, во последните осум минути влегувајќи со негатива од 9-4. Серијата од десет минути без постигнат гол на Србија ја прекина Филиповиќ со прекрасен погодок за водство од 10-5, по што мечот беше рутински приведен до крај, за конечни 10-6.

Голманот Митровиќ имаше феноменален меч во кој собра 15 успешни интервенции, додека во фазата на нападот најефикасен во српскиот табор беше Филиповиќ со три погодоци.

Србија во полуфиналето ќе се сретне со селекцијата на САД, која славеше во својата четвртфинална пресметка со Шпанија со резултат 12-8.

Коронавирус