понеделник, 18. јуни 2018. Вести денес: 4
home Останати спортови

Шарапова разочарана поради повлекувањето на Серена од „Ролан Гарос“

Шарапова разочарана поради повлекувањето на Серена од „Ролан Гарос“

Русинката Марија Шарапова изјави дека со нетрпение го очекувала натпреварот против Серена Вилијамс на „Ролан Гарос“ и поради тоа е разочарана од откажувањето на нејзината ривалка.

Серена, сепак, се откажа пред дуелот меѓу двете во четвртиот круг од „Грен слем“ турнирот во Париз.

Шарапова се квалификуваше без борба за четвртфиналето.

– Со нетрпение го очекував натпреварот. Разочарана сум дека се повлече. Посакувам брзо заздравување и се надевам дека наскоро ќе се врати, рече кратко Марија Шарапова.

Претходно, Вилијамс на вонредна прес-конференција изјави дека поради големи болки во грбот и рамото мора предвреме да го предаде мечот со Русинката.

– Имам проблеми со мускулот во грбот и за жал состојбата само се влошува. Во овој момент не можам да сервирам и навистина е тешко за мене да играм кога не можам да сервирам. Никогаш не сум почувствувала вакво нешто, многу е болно, објасни некогашната број 1 во светскиот тенис.