Блискиот пријател и поранешен шеф на Михаел Шумахер, Флавио Бријаторе, ја споделил емотивната вест за состојбата на легендата на Формула 1.
Шумахер претрпе тешка повреда на мозокот по несреќа на скијање во декември 2013 година, а неговата сопруга Корина ги чуваше деталите за неговиот третман многу приватни, објавува „Miror“.
Многу малку луѓе имаа можност да го посетат, но се знае дека дури и по повеќе од 11 години по несреќата, тој сè уште има потреба од постојана грижа.
Бријаторе, кој го донесе Шумахер во „Бенетон“ и му помогна да освои две светски титули, е еден од ретките што го посетиле по несреќата.
Запрашан за моменталната состојба на Шумахер, Бријаторе за италијанскиот весник „Corriere della Serra“ изјавил: „Кога ги затворам очите, го гледам како се смее по победата. Подобро би се сеќавал на него таков отколку да го гледам како лежи во кревет. Често разговарам со Корин“.
По несреќата, Шумахер помина 250 дена во медицински предизвикана кома пред да му биде дозволено да се врати дома и да продолжи со лекувањето.
Иако информациите се оскудни, Корина споделила некои детали во документарецот на Нетфликс за Шумахер од 2021 година.
„Ми недостига Михаел секој ден. Но, не сум единствената што го сака. Им недостига на децата, на неговото семејство, на неговиот татко, на сите околу него. Сите го сакаат Михаел, но тој е тука. Тој е различен, но е тука, а тоа ни дава сила“, рекла таа.
„Ние сме заедно. Живееме заедно дома. Одиме на терапија. Правиме сè што можеме за Михаел да биде подобар и да му биде удобно. И едноставно да го почувствуваме нашето семејство, нашата поврзаност. Многу ми е важно тој сè уште да може да ужива во својот приватен живот колку што е можно повеќе. Тој отсекогаш нè штител, а сега ние го штитиме него“, рекла таа тогаш.