недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 0
home Останати спортови

Олимпискиот оган од Грција тргнува за Пекинг

Олимпискиот оган од Грција тргнува за Пекинг

На свечена манифестација во Атина на античкиот олимписки стадион „Панатенаик“, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, олимпискиот оган, што вчера беше запален во античка Олимпија, ќе им биде предаден на организаторите на 24-те Зимските олимписки игри во Пекинг што ќе започнат на 4 февруари 2022 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Според програмата, факелот со олимпискиот оган, претседателот на грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос, ќе му го предаде на специјалниот претставник, потпретседателот на Организацискиот олимписки комитет на ЗОИ „Пекинг 2022“ Ју Зајчин.

Сите манифестации во Грција, како вчерашната, така и денешната се без публика, а олимпискиот оган, поради пандемијата, нема штафетното да патува низ Грција, туку веднаш беше пренесен во Атина, а вчера пристигна на Акропол.

Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија на грчкиот полуостров Пелопонез, вчера, од зраците на сонцето, беше запален олимпискиот оган.

Палењето беше традиционално, со специјална кореографија и молитва до богот на сонцето Аполон да ги испрати неговите зраци и да го запали светиот факел за Пекинг.

Првиот факел го презеде шампионот во алпско скијање Јанис Андониу и му го предаде на олимпискиот шампион Ли Чиечун.

На палењето на огнот, му претходеше свечената манифестација, што започна со олимписката химна во изведба на сопраното Василики Карајани и интонирање на химните на Грција и Кина, по што на присутните им се обратија претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах,, претседателот на грчкиот олимписки комитет Спирос Капралос, потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022“Ју Зајчин, а присутна беше и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.

Само неколку секунди откако беше запален олимпискиот оган во античка Олимпија за ЗОИ „Пекинг 2022“, целосната тишина беше прекината од извици и слогани на демонстранти, по што интервенираше обезбедувањето, а церемонијата продолжи непречено.

Според објавите на социјалните мрежи станува збор за активисти од движењето „Free Tibet“ кои повикуваат на бојкот на ЗОИ, но и бараат ослободување на уапсените активистки вчера во Атина.

Три странски државјанки, како што соопшти грчката полиција, вчера беа уапсени откако се обиделе да постават пано и знамиња на Акропол.

Зимските Олимписки игри во Пекинг ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година.

Коронавирус