среда, 14. април 2021. Вести денес: 141
home Останати спортови

Новак Ѓоковиќ следната недела станува рекордер

Новак Ѓоковиќ следната недела станува рекордер

Најдобриот тенисер на светот, Србинот Новак Ѓоковиќ го изедначи рекордот на Швајцарецот Роже Федерер според бројот на недели (310) поминати на врвот на АТП-листата, а веќе в понеделник официјално ќе стане апсолутен рекордер, со 311 седмици на врвот на светската листа.

Ѓоковиќ првпат загосподари на врвот на АТП-листата на 4 јули 2011 година, со 24 години и 43 дена, а од 7 јули 2014 година до 6 ноември 2016 година помина 122 недели во низа на првото место. Ѓоковиќ во моментов има играчки ефект од 387 победи и 53 порази кога настапувал како светски рекет број еден, а против тенисерите од врвните 10 на АТП-листата има скор од 117 победи и 30 порази и скор од 39-13 во финалињата на АТП-турнирите, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.

По освојувањето на гранслем-турнирот Австралија опен неодамна, по деветти пат, Ѓоковиќ има 18 гранслем-титули, две помалку од Шпанецот Рафаел Надал и од Федерер. Ѓоковиќ е и еден од 26-те тенисери што биле први на АТП-листата од 1973 година. Минатата година тој шести пат ја заврши годината како прв тениски рекет во светот и со тоа го израмни рекордот на Американецот Пит Сампрас.

Сампрас, пак, е третиот тенисер според бројот на недели поминати на врвот на АТП-листата, со вкупно 286 седмици на првото место во светот, потоа следуваат Чехот Иван Лендл со 270, Американецот Џими Конорс со 268, Надал е со 209 недели…

НАЈМНОГУ НЕДЕЛИ НА ВРВОТ НА АТП-ЛИСТАТА

Новак Ѓоковиќ 310
Роже Федерер 310
Пит Сампрас 286
Иван Лендл 270
Џими Конорс 268
Рафаел Надал 209

 

Коронавирус