недела, 9. август 2020. Вести денес: 27
home Останати спортови

Најпознатиот „учесник“ на Скопски маратон уапсен поради кршење на полицискиот час!

Најпознатиот „учесник“ на Скопски маратон уапсен поради кршење на полицискиот час!

Поранешниот светски рекордер во маратон и убедливо најпознатиот промотор на Скопскиот маратон, Вилсон Кипсанг Кипротич, е уапсен во родната Кенија како дел од група од 20 луѓе, која конзумирала алкохол во бар за време на полицискиот час поради пандемијата со коронавирусот.

Инцидентот се случил во градот Итен, кој е традиционална база на кениските тркачи на долги стази поради високата надморска височина на која се наоѓа. Во Кенија полицискиот час е на сила во периодот од 21 часот до пет часот наутро. Кипротич, кој воедно е и полицаец, на почетокот од годинава беше суспендиран од локалната атлетска федерација под обвинение дека се обидел да ги уништи примероците од направениот анти-допинг тест.

Неделава во Кенија беа уапсени уште 12 други атлетичари и тоа поради тренирање во група и покрај забраната за собирање. Тренинг камповите се затворени поради коронавирусот, што ги примора атлетичарите да работат индивидуално.

Кипротич (38 години) е освојувач на бронзениот медал на Летните олимписки игри во Лондон, а е победник на маратоните во Њујорк, Токио, Лондон и Берлин. Во 2014 година беше специјален промотор на Скопскиот маратон, на кој го означи и стартот на трката.

Коронавирус