петок, 13. декември 2019. Вести денес: 117
home Останати спортови

Леклер и Фетел на рапорт кај Биното

Леклер и Фетел на рапорт кај Биното

Најтрофејниот тим во Формула 1, екипата на Ферари, имаше уште една загрижувачка сезона во најбрзиот циркус на денешницата. Иако на крај завршија втори во генералниот пласман со големото заостанување во однос на Мерцедес, сепак амбициите на тимот се сосема поинакви. На крај, капак на сè беше последната трка во која Себастијан Фетел и Шарл Леклер имаа судар на патеката поради што и двајцата предвреме ја завршија трката.

Директорот на Ферари, Матија Биното, деновиве ќе разговара со двајцата пилоти во седиштето на екипата, во Италија, поради инцидентот кој го предизвикаа во Бразил.

Фетел и Леклер во тие моменти се бореа за четвртото место, но се судрија во 66-от круг, па двата болида претрпеа огромни штети и ја завршија трката без пласман. По трката, возачите се обвинуваа еден со друг преку радиоврската, а потоа стјуардите го истражуваа инцидентот и пресудија дека никој не е виновен и дека никој нема да биде казнет.

-Се слушнав со двајцата возачи, но ќе се сретнам со нив и ќе разговараме за тоа што се случи. Потребно е време за тимот да ги анализира видеата и податоците. Не станува збор за казна или обвинување, туку за признавање на дејствија и грешки. Без разлика дали сте пилот или инженер или што и да правите, признавањето на вината е важно, затоа што така можете да се подобрите, истакна Биното за „Скај Спорт“.

Според многумина, причина за овој инцидент на патеката е Себастијан Фетел, бидејќи кога минуваше крај Леклер од десната страна, сакајќи да ја зачува позицијата, направи маневар на лево и удри во болидот на Моначанецот.