Младинките на Женскиот Одбојкарски тим Јанта Волеј Кисела Вода се новиот шампион во женска младинска конкуренција откако на финалниот турнир во салата „Јане Сандански“ во Скопје, во финалето со пресврт и во пет сета 3-2 (22-25, 22-25, 25-20, 26-24, 15-8) го совладаа бранителот на титулата Наковски Волеј.
Струмичкиот тим имаше одличен старт на мечот, каде и покрај големиот отпор на тимот на Јанта стигна до предност од 2-0 во сетови. Противникот се врати во третиот сет и намали на 2-1. Во четвртиот сет Наковски Волеј имаше водство од 21-19 и се чинеше дека работите одат во негова корист, но скопскиот состав не мислеше така.
Изедначи на 21-21, а потоа не му дозволи на ривалот да ја искористи сет-меч топката на 23-24, туку се врати и со 26-24 го однесе натпреварот во тај-брејк. Одбојкарките на Јанта Волеј КВ знаеја што сакаат во решавачкиот сет и предводени од капитенот Мери Бошковска со комплетен кам-бек стигнаа до шампионската титула кај младинките.
Како вистинска увертира за финалето беше и дуелот за бронзениот медал, кој исто така беше решен по голема борба во пет сета, каде Работнички Скопје со 3-2 (20-25, 25-15, 25-15, 18-25, 15-9) ги победи Газели Волеј.